Папата: Не можеме да се грижиме за Земјата ако не ја сакаме и не ја почитуваме

Папата: Не можеме да се грижиме за Земјата ако не ја сакаме и не ја почитуваме

Прекинувајќки ја серијата катехези за блаженствата, Папата денешната катехеза на Генералната аудиенција ја посвети на заштитата на создаденото, по повод 50. Меѓународен ден на планетата Земја

Славејќи го денес Меѓународниот ден на планетата Земја, повикани сме повторно да го пронајдеме чувството за светото почитување на Земјата, бидејќи таа не е само наш дом, туку е и Божји дом – истакна папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција одржана во библиотеката на Апостолската палата, во средата на 22 април 2020 година, која во потполност ја посвети на нашата одговорност во грижата за планетата.

Денешнето одбележување на 50. Меѓународен ден на планетата Земја е можност да ја обновиме својата обврска на љубов спрема нашиот заеднички дом и грижата за него, како и за најслабите членови на нашето семејство – рече Папата. Имено, како што ни покажува трагичната пандемија на коронавирусот, само заедно и преземајќи ја на себе грижата за најслабите, ќе ги победиме глобалните предизвици – истакна Светиот Отец и ја спомена енцикликата „Лаудато Си“, напоменувајќи дека всушност нејзиниот поднаслов гласи „Грижата за заедничкиот дом“. Треба, имено, да се расте во свеста за грижата за заедничкиот дом.

Живееме во заеднички дом како единствено човечко семејство и во биоразличноста со другите Божји созданија. Затоа, како слика Божја, сме повикани да се грижиме и да ги почитуваме сите созданија, и да негуваме љубов и сомилост кон браќата и сестрите, најповеќе кон најслабите. Меѓутоа, поради самољубието не ја исполнуваме одговорноста на чувари на Земјата и управители на нашата планета. Ја загадивме, ја искористивме, ставајќи го во опасност и сопствениот живот – истакна Папата па изрази благодарност за иницијативата на меѓународните и локалните движења со цел будење на свеста.

Згрешивме против Земјата, против својот ближен и на крај, против Создателот, добриот Отец Кој се грижи за секој од нас и сака да живееме во заедништво и благосостојба. А како на тоа реагира Земјата? – праша Светиот Отец и потсети на една шпанска мудра изрека која вели: „Бог простува секогаш, ние луѓето понекогаш, Земјата никогаш“. Земјата не простува – повтори Папата – ако сме ја уништиле Земјата, одговорот ќе биде многу лош.

Потребно е да се воспостави хармоничен однос, а ние често го губиме гледањето на таа хармонија; тоа е она што го прави Светиот Дух. Како повторно би го воспоставиле тој склад потребен ни е – според зборовите на Папата – нов поглед на заедничкиот дом. Тој не е магацин на ресурси кои треба да се искористат. За нас верниците тој е „евангелие на создавањето“. Библиската историја за создавањето завршува со зборовите: „И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро“ (1 Мојс 3,1). Меѓутоа, кога ги гледаме природните катастрофи кои се одговор на Земјата на нашето лошо постапување – забележа Папата – помислувам: ’Ако сега го прашам Господ што мисли, не верувам дека би ми кажал дека е тоа многу добро’. Ние го уништивме Господовото дело.

Затоа, славејќи го денес Меѓународниот ден на планетата Земја, повикани сме повторно да го пронајдеме чувството за свето почитување на Земјата, бидејќи таа не е само наш дом, туку е и Божји. Од таму во нас извира свеста дека се наоѓаме на света земја! – рече Папата па поттикна на контемплација, на мудрост на „добар живот“ на домородните народи кои нè учат дека не можеме да се грижиме за Земјата ако не ја сакаме и не ја почитуваме. Нивниот начин на „добар живот“ не значи да се живее лагодно, туку во склад со Земјата.

Истовремено ни е потребно еколошко преобраќање кое се изразува со конкретни дела и заеднички план како би го запреле уништувањето на Земјата. Како меѓународна заедница свесни сме за важноста на соработката – забележа Папата па упати поттик до оние кои се надлежни во процесот кој води на две многу важни меѓународни конференции: COP15 за биоразличноста, која ќе се одржи во Куминг во Кина и COP26 за климатските промени која ќе се одржи во Глазгов.

Меѓутоа, важно е исто така делувањето на национално и локално ниво; добро е, имено, да се соберат сите општествени нивоа и да се поттикне делувањето „оддолу“, од народот. Токму Меѓународниот ден на планетата Земја, кој го славиме денес, настанал така. Секој од нас може да даде свој мал придонес; не треба да се мисли дека тие настојувања нема да го променат светот. Да се заземеме во ова воскресно време на обнова; да го сакаме и цениме тој прекрасен дар на Земјата, нашиот заеднички дом и да водиме грижа за сите членови на човечкото семејство – поттикна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот