Папата Фрањо прими претприемачи, менаџери на компании и банкари од целиот свет, собрани во мрежа која ги живее принципите на енцикликата Laudato si’. Тој ги потсети на важноста на нивните функции: „Големите компании влијаат врз судбината на владите, политиката и развојот“. Покрај тоа, Папата поттикна на грижа за животната средина и младите, кои треба да се прифатат дури и ако не се вешти. „Работата се учи со работа“
На три насоки ги упати папата Фрањо претприемачите, менаџерите на компании и претпријатија и банкарски соработници од целиот свет кои ги прими на 15 јуни 2024 година, во аудиенција во Апостолската палата во Ватикан. Станува збор за членови на мрежа која се стреми да ги живее принципите на енцикликата Laudato si’, Иницијатива за одржливи пазари (Sustainable Markets Initiative), проект што беше инициран во 2020 година од кралот Чарлс III, тогашниот принц од Велс, по повод годишниот состанок на Светски економски форум во Давос. Целта на оваа иницијатива е да ги собере најдобрите индустриски организации и финансиски служби за да се постигнат глобалните цели за климата, биодиверзитетот, одржливиот развој, а тоа треба да се направи заедно со владите.
Папата мисли на сиромашни, отфрлени и често „рециклирани“ луѓе, кои се третираат како нивната сиромаштија да е само нивна „вина“ и бара да се оди подалеку од обичната филантропија, напротив, да се вклучат овие лица во компаниите. Светиот Отец, дополнително, упати апел за младите, кои исто така често се на маргините на светот на работата, да бидат великодушно прифатени дури и ако го немаат потребното искуство и вештини.
На крајот, го поттикна забрзаниот процес на „иновација“ со цел грижа за нашиот заеднички дом, во екот на сегашната сериозна криза, во услови на која веќе не е доволно само да се почитуваат законите на државите, кои напредуваат премногу споро.
Ватикан нуз/к.мк