Папата: Нека започнат мировните преговори во Јужен Судан

Папата: Нека започнат мировните преговори во Јужен Судан

Во текстот на пладневното обраќање објавен од Канцеларијата за печат на Светиот Престол, папата Фрањо бара од завојуваните страни во Јужен Судан да работат на стабилност и ја повикува меѓународната заедница да обезбеди помош во справувањето со големата хуманитарна катастрофа во соседен Судан. Тој уште еднаш повика на молитва за земјите во војна и за Мјанмар, кој исто така многу страда од земјотресот.

Од Домот Света Марта, каде што веќе осум дена закрепнува и продолжува со терапијата, откако минатата недела беше отпуштен од поликлиниката „Гемели“, папата Фрањо продолжува да ги посветува своите мисли на меѓународните актуелни настани, особено на земјите погодени од војни и непријателства. Во текстот на пладневното обраќање кое Светиот Отец го подготви за недела 30 март 2025 година, а објавено од Канцеларијата за печат на Светиот Престол, по кратко размислување за Божјото милосрдие и постот што треба да се живее како време на исцелување, Папата ја изразува својата загриженост за ситуацијата во Јужен Судан.

Го повторувам мојот силен повик до сите лидери да ги вложат сите можни напори за намалување на тензиите во земјата. Мора да ги оставиме настрана нашите разлики, храбро и одговорно да седнеме на маса и да започнеме конструктивен дијалог. Само на тој начин ќе биде можно да се ублажат страдањата на саканиот народ на Јужен Судан и да се изгради иднина во мир и стабилност.

Нека започнат преговорите во Судан

Папата е загрижен и за соседен Судан, каде што „војната продолжува да зема невини жртви“. Затоа повика на заштита на населението, отворање преговори за замолчување на оружјето и испраќање хуманитарна помош.

Ги повикувам страните во конфликтот да дадат приоритет на заштитата на животите на нивните сограѓани; и се надевам дека новите преговори ќе започнат што е можно поскоро и дека ќе можат да дадат трајно решение за кризата. Меѓународната заедница нека ги засили своите напори за справување со оваа ужасна хуманитарна катастрофа.

Поттик на молитва за мир

Папата, исто така, повика да не се забораваат другите земји во кои долго време се водат борби или каде што владеат вонредни состојби и тешкотии.

Имајќи доверба во милосрдието на Бога Отецот, да продолжиме да молиме за мир: за напатената Украина, за Палестина, Израел, Либан, Демократска Република Конго и Мјанмар, кој исто така толку многу страда од земјотресот.

Одличен дипломатски резултат меѓу Таџикистан и Киргистан

Осврнувајќи се на целото човештво, папата Фрањо ги спомена и најновите – како што напиша – позитивни факти, како што е ратификацијата на Договорот за демаркација меѓу Таџикистан и Киргистан и нагласи дека тоа е одличен дипломатски резултат. Затоа ги охрабри двете земји да продолжат по тој пат, повикувајќи се на Марија, Мајка на милосрдието, да му помогне на човечкото семејство да се помири во мир.

Великиот пост, време на исцелување

Во текстот на пладневното обраќање Папата ги потсети верниците и на параболата која Исус ја кажа за таткото кој има два сина: едниот заминува од дома, но потоа, откако ќе падне во беда, се враќа и го пречекува со радост; Вториот, „послушен“ син, огорчен кон својот татко, не сака да се придружи на прославата. Така Исус го открива Божјото срце: секогаш милостив кон сите; нека ни ги исцели раните за да можеме братски да се сакаме – забележува папата Фрањо и се фокусира на патот кон Велигден, поттикнувајќи нè овој пост, особено во јубилејот, да го живееме како време на исцелување.

И јас така го доживувам и во душата и во телото. Затоа, од се срце им благодарам на сите оние кои според ликот на Спасителот со своите зборови и со своето знаење, љубов и молитва се средства за исцелување на ближните.

Светиот Отец потоа го прошири својот поглед кон сите луѓе со надеж за братство во Исус Спасителот.

Слабоста и болеста се искуства кои сите ги споделуваме; дотолку повеќе, сепак, ние сме браќа преку спасението што ни го даде Христос.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот