Папата на светата Литургија во Источен Тимор: Народ кој ги учи своите деца да се насмевнуваат, има иднина
Во проповедта на светата Литургија отслужена на висорамнината „Тачи Тол“ во Источен Тимор, на која учествуваа 600 илјади луѓе, папата Фрањо ја истакна нежноста и едноставноста на децата: преку нив Бог ни станува близок. Тој предупреди да се чуваат од „крокодилите кои сакаат да ја променат вашата култура и вашата историја“.
Источен Тимор е убав затоа што има многу деца, животот пука на секој агол. Тоа е голем подарок, но и знак дека на децата треба да им се даде место и ние да се направиме мали пред Бога и еден пред друг – ова е поттикот на папата Фрањо кој го упати во проповедта пред околу 600 илјади верници собрани на висорамнината „Тачи Толу“, заштитено подрачје на Тиморскиот брег, на помалку од десет километри од главниот град Дили.
Свети Иван Павле II го посети истото место во 1989 година за време на неговото патување во таа земја. Токму таму, во областа која се карактеризира со живописни пејсажи и богата биолошка разновидност, Папата отслужи света Литургија на 10 септември 2024 година, претпладне по средноевропско време, по приватната средба со членовите на Дружбата Исусовци, одржана во Апостолската нунцитура.
Кревкоста на детето – моќна порака
„Зашто Младенец ни се роди – Син ни се даде “ (Исаија 9, 5). Со овие зборови, папата Фрањо ја започна својата проповед на шпански јазик, повторувајќи ги зборовите на пророкот Исаија објавени во првото читање: во просперитетен момент за Ерусалим, но и во момент на голема морална декаденција, Бог заблескува со својата спасителна светлина преку подарокот син. Раѓањето на детето – рече папата Фрањо – е голем момент на радост и славење, кој понекогаш во нас буди добри желби да се обновиме во доброто, да се вратиме на чистотата и едноставноста. Пред новороденче и најтврдото срце се загрева и се исполнува со нежност – рече Светиот Отец и нагласи:
Бог ни е близок преку дете, Бог станува дете, не само за да нè восхити и допре, туку и да нè отвори за љубовта на Отецот и да нè обликува за да може да ни ги лекува нашите рани, да ги ублажи нашите несогласувања и да внесе ред во нашето постоење.
Да се направиме мали за да правиме големи работи
Нагласувајќи го радосното присуство на многубројните деца во таа млада земја во Југоисточна Азија, папата Фрањо истакна дека само со тоа што ќе станеме деца дозволуваме Бог да делува во нас, како Марија, која денес ја почитуваме како царица, односно како Мајка на Царот кој сакаше да се роди мал, да стане наш брат – објасни, повикувајќи се на евангелскиот дел од Евангелието според Лука што беше прочитан на португалски јазик.
Марија (…) избрала да остане мала цел живот, да изгледа сè помала, да служи, да се моли, да исчезнува за да му направи место на Исус, дури и кога тоа многу ја чинело.
Затоа, Папата охрабри да не се плашиме да бидеме мали пред Бога и еден пред друг, да го загубиме својот живот, да го даруваме своето време, да ги преиспитаме нашите програми, да ги разгледаме нашите проекти, да не ги намалуваме, туку да ги направиме уште поубави преку дарувањето на себе и прифаќањето на другите.
Љубов и милост
Сето тоа многу добро го симболизираат – според зборовите на Папата – двата традиционални накита на таа земја – Кајбаук и Белак. Првиот покажува рогови од бизони и светлина од сонцето, а се става како украс на челото или на врвот на куќата. Тој зборува за Божјата сила и топлина и може да ја претставува Божјата моќ која дава живот, потсетувајќи нè дека со светлината на Словото Божјо и силата на неговата благодат, и ние можеме да соработуваме со нашите одлуки и постапки во големиот план на спасение. Комплементарен на Кајбаук е Белак, кој се носи на градите, а се однесува на нежната светлина на месечината и мајчината нежност, а она што го допира го прави светло со истата светлина што ја прима од Бога.
Кајбаук и Белак, силата и нежноста на Таткото и Мајката: така Господ го манифестира својот царски авторитет, создаден од љубов и милосрдие.
Затоа, се молиме заедно, во оваа Евхаристија, секој од нас, како жени и мажи, како Црква, како општество, да знаеме во светот да ја одразиме силната и нежна светлина на Бог на љубовта– поттикна папата Фрањо.
Мирисот на сандалово дрво и евангелието
На крајот од евхаристиското славење, надбискупот од Дили, кардинал Вирџилио до Кармо да Силва, ја спомена посетата на папата свети Иван Павле II што – како што рече – означи решавачки чекор за нашиот процес на самоопределување. Денес, присуството на папата Фрањо – додаде тој – означува фундаментален чекор во процесот на градење на земјата, нејзиниот идентитет и култура. Во минатото – потсети кардиналот – истражувачите и морнарите на островот Тимор ги привлекуваше мирисот на сандалово дрво, кој во одреден момент од историјата се сретна со мирисот на евангелието, кој трае до денес благодарение на континуираното ангажирање на мисионерите.
Папата Фрањо накратко се осврна на зборовите на кардиналот, истакнувајќи дека сандаловото дрво има добар мирис, но најдоброто нешто што го има Тимор – истакна тој – е неговиот народ. Не можам да ги заборавам тие луѓе долж улиците, со нивните деца. Колку деца имате! Најдоброто нешто што го има еден народ е насмевката на своите деца, а народ кој ги учи своите деца да се насмевнуваат е народ кој има иднина – истакна Папата.
Спомнувајќи ги пак крокодилите кои живеат на некои плажи во Источен Тимор, Светиот Отец предупреди – како што рече – на крокодилите кои сакаат да ја променат културата и историјата. Ви посакувам мир, посакувам да продолжите да имате многу деца – додаде тој, охрабрувајќи ги на крајот на грижа за децата и постарите кои се сеќавањет на таа земја.
Ватикан њуз/к.мк