На Пепелница во средата на 26 февруари во Рим во попладневните часови се одржа молитвено бдение кое го претдоводеше папата Фрањо.
„Пепел ни се посипува на главата за огнот на љубовта да се запали во срцата. Бидејќи ние сме граѓани на небото и љубовта кон Бог и ближниот е патната исправа за небо“ – истакна Папата во хомилијата на светата Литургија во базиликата Свети Петар.
Најпрво во црквата Свети Анселм на ридот Авентино се одржа молитва после која следуваше покорничката процесија до базиликата Света Сабина. Во процесијата учествуваа кардинали, надбискупи, епископи, монаси бенедиктинци од Свети Анселм, оци доминиканци од Света Сабина и верници лаици.
По завршувањето на процесијата во базиликата Света Сабина, папата Фрањо го предводеше евхаристиското славење со благослов на пепел посипување со пепел.
Во хомилијата на светата Литургија, Папата зборуваше за симболиката на пепелта, потсетувајќи на зборовите кои свештеникот ги изговара додека на Чиста среда го посипува верниците со пепел: „Спомни си човече, дека си прав и во прав ќе се вратиш.“ „Ние сме слаби, кревки, смртни. Ние сме пепел во вселената, но пепел која Бог ја љуби. (…)
Пепелта со која ни се посипува главата, продолжи Светиот Отец во проповедта, нè потсетува дека ние сме деца Божји, не смееме во својот живот да се лепиме за прав кој исчезнува. Мора да се запрашаме: „Зошто јас живеам? Ако живеам за минливите работи во овој свет, се враќам во прав, го негирам она што Бог го направил во мене. Ако живеам само за дома да донесам нешто пари и да се забавувам, да барам одреден углед, да остварам кариера, живеам од прав. Ако лошо судам за животот само затоа што другите не се интересираат доволно за мене или не го примам од другите она што сметам дека го заслужувам, продолжувам да бидам загледан во правта – рече Папата и продолжи: Не сме во светот заради тоа. Вредиме многу повеќе, живееме за нешто многу повеќе: затоа да го оствариме Божјиот сон. Пепелта ни се посипува на главата за огнот на љубовта да се запали во срцата. Бидејќи ние сме граѓани на небото и љубовта кон Бог и ближниот е патната исправа за небо, тоа е нашиот пасош, истакна Папата. Земските добра кои ги поседуваме нема да ни бидат од корист тие се прав кој исчезнува, но љубовта која ја даваме – во семејството, на работа, во Црквата, во светот – ќе нè спаси, ќе остане засекогаш.
Папата во продолжение на својата проповед рече: Ако се осврнеме околу себе ќе ја видиме прашината на смртта. Животи претворени во пепел. Рушевини, уништување, војна. Неприфатени животи на невини деца, животи на отфрлени сираци, животи на отфрлени стари лица. Продолжуваме да се уништуваме себе, едни на други да се претвораме во прав. А колку само прашина има во нашите односи! Да го погледнеме својот дом, нашите семејства: колку кавги, колку неспособност да ги решиме и отстранеме конфликтите, колку е тешко да се извиниш, да простиш, да започнеш од ново, додека со таква леснотија ги бараме своите простори и своите права! Толку прашина која ја валка љубовта и го нагрдува животот. Па и во Црквата, куќата Божја сме оставиле да лежи толку прашина, прашината на световноста, предупреди Светиот Отец.
Во продолжение на својата проповед, папата Фрањо поттикна да се загледаме во својата внатрешност, во срцето: колку пати го загушуваме огнот Божји со пепелта на лицемерието! Лицемерие: таа е нечистотијата која Исус денес во Евангелието бара да се отстрани. Имено, Господ не вели само да се прават дела на милосрдието, да се моли и пости, туку сето тоа да се прави без преправање, без дволичност, без лицемерие (Мт 6, 2.5.16). Колку пати правиме нешто само затоа што тоа би наишло на одобрување, за нас да не стави во прв план, за нашето его! Колку пати се изјаснуваме за христијани, а во срцето лесно се препуштаме на страстите кои нè прават робови! Колку пати едно проповедаме, а друго правиме! Колку пати однадвор се покажуваме добри, а внатрешноста ни ја изедува огорченост! Колку дволичност има во нашите срца… Тоа е прашина која валка, пепел која го гуши огнот на љубовта, предупреди Папата во хомилијата која ја одржа на светата Литургија во базиликата Света Сабина на Пепелница. (…)
Што треба да правиме? – праша на крајот Папата. На патот до Велигден може да направиме два чекори: првиот, од правот во живот, од нашето кревко човештво до Исусовото човештво кое нè лекува. Можеме да стоиме пред Распнатиот, да стоиме таму, да гледаме и да повторуваме: „Исусе, Ти ме љубиш, преобрази ме… Исусе, Ти ме љубиш, преобрази ме…“ А откако ќе ја примиме неговата љубов, откако ќе пуштиме солза пред таа љубов, вториот чекор, за повоторно да не паднеме од живот во прав треба да појдеме за да го прими Божјото простување во исповедта, затоа што таму е вратата на Божјата љубов која ја гори пепелта на нашиот грев. Прегратката на Отецот во исповедта нè обновува од надвор, го чисти нашето срце. Дај да се помириме за да живееме како љубени деца, како грешници на кои им е простено, како болни кои оздравиле, како патници кои на својот пат не се сами. Да дозволиме да бидеме повторно подигнати, да тргнеме кон целта, Воскресенито. Тогаш со радост ќе откриеме дека Бог нè подигнува од нашата пепел – ја заврши Папата својата проповед.
Ватикан њуз/к.мк