Папата на молитвата Ангел Господов: Секоја средба со Исус го менува нашиот живот и нѐ исполнува со радост

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во денешното Евангелие претставена е Исусовата средба со жената Самарјанка, која се случува во Сихар, во близина на древниот кладенец на кој што таа жена секој ден оди по вода. Тој ден таму Го сретнува Исус каде седи „изморен од патот“(Ив 4,6). Тој веднаш и рече: „Дај Ми да пијам!“ (Ив 4, 7). На тој начин ги надминува бариерите на непријателство кои постоеле помеѓу Евреите и Самарјаните и ги разбива врежаните предрасуди кон жените. Обичното Исусово барање е почеток на еден искрен дијалог, во кој Тој, со голема чувствителност, влегува во внатрешниот свет на човекот кој, според општествените обрасци, не би смеел воопште да се обраќа. Но Исус тоа го прави! Исус не се плаши. Кога Исус гледа некој човек оди чекор напред, затоа што љуби. Тој нѐ љуби сите нас. Никогаш не дозволува предрасудите да го спречат да пристапи до некој човек. Исус и ја претставува нејзината ситуација, не ја осудува, туку и дава да почувствува дека е ценета и прифатена, и така во неа буди желба да се издигне над секојдневните навики.

Исусовата жед не е толку жед за вода, туку за средба со едно скаменето срце. Исус сака да ја сретне Самарјанката за да и го отвори срцето: бара да му даде да пие за да и ја покаже жедта која владее во самата неа. Жената била допрена од таа средба: му упатува на Исус длабоки прашања кои сите во себе ги носиме, но за кои често не ни е грижа. И ние имаме толку прашања кои би сакале да ги поставиме, но немаме храброст да му ги упатиме на Исус! Постот, драги браќа и сестри, е вистинско време да погледнеме во својата внатрешност, за да дојдат до израз нашите најавтентични духовни потреби и да го замолиме Господ за помош во молитвата. Примерот на Самарјанката нѐ повикува да Му кажеме на Господ: „Исусе, дај ми ја она вода која ќе ја изгаси мојата жед засекогаш.“

Во Евангелието се вели дека учениците останале зачудени што нивниот Учител разговара со таа жена. Но Господ е поголем од предрасудите, поради тоа не се плаши да застане со Самарјанката: милосрдието е поголемо од предрасудите. Тоа мораме добро да го научиме! Милосрдието е поголемо од предрасудите, а Исус е силно милосрден! Како последица на таа средба кај кладенецот, кај жената се случува длабока промена: „ја остави својата стомна“(Ив 4,28) со која дошла по вода и отиде во градот да им каже на другите за своето чудесно искуство: „Дојдете, да видите Го човекот, Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не Он Христос?“ (Ив 4,29). Била воодушевена. Отишла да наполни вода, а нашла друга вода, жива вода на милосрдие кое струи во живот вечен. Нашла вода која секогаш ја барала! Оди во селото, она село кое ја оцрнувало, ја осудило и ја отфрлило и туку изјавува дека го сретнала Месијата: Оној кој и го промени животот. А секоја средба со Исус го менува животот, секогаш. Тоа е чекор напред, чекор поблиску до Бог. И така и на нас секоја средба со Исус го менува животот. Секогаш, секогаш е така.

Во овој текст од Евангелието и ние наоѓаме поттик „да ја оставиме својата стомна“, симбол на сѐ она што навидум ни е важно, но што всушност е безвредно во споредба со „Божјата љубов“. Сите имаме по еден или можеби повеќе од нив! Ве прашувам вас, а и себе: „Кој е твојата внатрешна стомна, тоа што те потиштува, која те одделува од Бог?“ Да го оставиме накратко на страна и во срцето да го слушаме Исусовиот глас кој ни пружи друга вода која нѐ приближува до Господ. Повикани сме одново да ја откриеме важноста и смислата на нашиот христијански живот, кој започнал со крштението и како Самарјанката да им сведочиме на нашите браќа. Што тоа? Радост! Мораме да ја сведочиме радоста на средбата со Исус, затоа што, како што реков, секоја средба со Исус го менува животот, и секоја средба со Исус нѐ исполнува со радост, она радост која доаѓа од внатре. Таков е Господ. Мораме исто така да проповедаме колку чудесни работи Господ направи во нашето срце кога сме собрале храброст да ја оставиме нашата стомна на страна.

По Ангел Господов

Драги браќа и сестри,

Да запамтиме денес две реченици: секоја средба со Исус го менува нашиот живот и секоја средба со Исус нѐ исполнува со радост. Ќе го повториме ли тоа заедно? Секоја средба со Исус го менува нашиот живот; секоја средба со Исус нѐ исполнува со радост.

Утре се слави Светски ден на борба против туберколоза: да молиме за сите луѓе погодени од таа болест и за сите оние кои на разни начин им помагаат.

Идниот петок и сабота ќе биде посебен покорнички настан под мотото  „24 часа за Господ“. Ќе започнеме со славење во базиликата Свети Петар, во петок попладне, а потоа во вечерните и ноќните часови некои цркви во центарот на Рим ќе бидат отворени за молитва и исповед. Ќе биде тоа – можеме така да го наречеме – славење на простувањето, кое ќе се одржи и во многу бискупии и парохии по целиот свет. Простувањето кои ни го дава Господ мора да се слави, како што тоа го направил таткото во параболата за блудниот син, кој кога синот се враќа дома приредил прослава, заборавајќи на неговите гревови. Ќе биде славење на простувањето.

А сега од срце ги поздравувам сите верници од Рим и ходочасници од многу земји…

На сите ви посакувам пријатна недела и добар апетит. До видување!

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот