Папата на молитвата Ангел Господов: Божјото милосрдие, е понудено на сите, не познава граница

Божјото милосрдие, е понудено на сите, не познава граница – зборови кои Светиот Отец денес повеќе пати ги нагласи, пред пладневната молитва Ангел Господов, во недела 6 април на плоштадот Свети Петар, на кој се собраа повеќе од 60 илјади луѓе.

Евангелието од ова петта недела на Великиот пост ни зборува за воскресението на Лазар. Тоа е врв во низата Исусови чудесни знаци: премногу големо дело и премногу божествено за да можат првосвештеници да го толерираат, и откако слушнале за тоа донеле одлука да го погубат Исус (Ив 11, 53) – рече Папата.

Кога Исус пристигна, Лазар веќе четири дена бил мртов, а на неговите сестри, Марта и Марија, им кажа зборови кои останале засекогаш врежани во сеќавањето на христијанската заедница: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Ив 11,25). По Господовите зборови веруваме дека животот на оној кој верува во Исус и ги следи Неговите заповеди, после смртта се претвора во нов живот во полнина и бесмртност. Како што Исус во своето тело воскресна, а не се вратил на земскиот живот, истакна папата Фрањо, така и ние во нашите тела кои ќе станат прославени, истотака ќе воскреснеме. Он нѐ чека кај Отецот и силата на Светиот Дух која го воскресна Него, истотака ќе ги воскресне и оние кои со Него се соединети, рече Папата.

Пред запечатениот гроб на својот пријател Лазар, Исус извика со силен глас: „Лазаре, излези надвор. И излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете,а лицето забрадено со крпа“ (р 43-44) – го цитира папата Фрањо денешното Евангелие. Овој повик императив е упатен на секој човек, затоа што сите сме обележани со знакот на смртта; „Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие.“ (Ив 10,10)

Христос над гробовите кои сме ги изградиле со нашиот избор на злото и смртта; нашите грешки и гревови; не се откажува. Нѐ повикува и речиси ни наредува да излеземе од гробот во кој по нашите гревови сме закопани. Упорно нѐ повикува од затворскиот мрак во кој сме заточени, задоволувајќи се со еден лажен живот; живот на себичност и просечност.

Излези! Тоа е еден повик на вистинска слобода. Да ги сфатиме овие зборови кои Исус денес ги упатува на секому од нас, повика папата Фрањо, да се ослободиме од завојот на гордоста; гордоста која толку ни штети, правејќи нѐ робови на самите себе, робови на толку идоли и толку работи – предупреди папата Фрањо. Нашето воскресение започнува овде: кога ќе се одлучиме да ја послушаме Исусовата наредба, излегувајќи на светло, во живот; кога од лицето ќе паднат нашите маски – а толку пати сме маскирани со гревот, а маските треба да паднат и повторно да најдеме храброст во нашето изворно лице, создадено по образ и подобие Божјо.

Исусовиот чин на воскресението на Лазар покажува колку далеку може да допре силата на Божјите милости и доследно на тоа, може да допре до нас за наше преобраќање, нашата промена: Добро слушајте: Божјото милосрдие е понудено на сите, не познава граници! – рече Папата и истата реченица двапати ја повтори, барајќи од собраното мноштво заедно со него да го повторат истото – за таа вистина да се вреже во срцето на секој присутен. Господ секогаш е подготвен да го подигне гробниот камен на нашите гревови кои нѐ оделуваат од Него – Светлоста на живите.

Утре во Руанда ќе се одбележи 20 годишнина од геноцидот против Тутси, во 1994 година. Во ова прилика би сакал на народот во Руанда да му ја изразам својата татковска близина, поттикнувајќи ги да продолжи со одлучност и надеж, процесот на помирување од кој веќе се гледат неговите плодови; и да настојуваат околу човечката и духовната обнова на земјата. На сите им велам: Не плашете се! – ги охрабри Папата – своето општество изградетете го на карпата на Евангелието, во љубов и слога, затоа што единствено така се гради траен мир! На целиот сакан народ од Руанда повикувам мајчинска заштита од нашата Богородица од Кибеха. Со радост се сеќавам на драгиот епископ од Руанда кој во текот на минатата недела престојуваше во Ватикан – рече Папата и сите ги повика со молитвата Радувај се Маријо да се помолат на Богородица од Кибеха.

Светиот Отец поздрави многумина од здруженија, движења од различни краеви на светот; групи и поединци. Истотака потсети на точно пет години поминати од земјотресот кој го погоди градот Акила и околината и повика на молитва за жртвите од тој настан и за обнова и духовен препород.

Папата повика на молитва и за жртвите од вирусот Ебола кој се шири во Гвинеја и соседните земји и негово рано дијагностицирање како и нега и помош на сите во потреба.

Папата на крајот даде бесплатно да се поделат џебни изданија на Евангелието со пригодни додатоци, на сите кои се собраа на плоштадот Свети Петар и поттикна уште еднаш да го читаат, а не само да го имаат Евангелието и тогаш доброто семе ќе вроди со плодови. Во замена за тој дар, кажа Папата, направете некое добро дело, дело на несебична љубов. Потсетувајќи ги присутните уште еднаш на вистината дека Божјото милосрдие, кое на сите е понудено, не познава граница, на сите им посака пријатна недела и добар апетит!

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот