Папата на Литургијата во Касерта: Не дозволувајте да ви ја украдат надежта!
Повик да се надеваат во Исус, да ги прифатат мигрантите и да го чуваат создаденото; да се спротивстават на безаконието и корупцијата, сето тоа Светиот Отец го препорача на верници во проповедта во текот на попладневна Литургија во сабота 26 јули пред познатата царска палата во Касерти, на која учествуваа повеќе од 200 илјади луѓе. По благодарноста за искрениот пречек, Папата најави дека ова година ќе го посети Неапол.
Не дозволувајте да ви ја украдат надежта! Со тие зборови Светиот Отец ја заврши проповедта пред мноштвото верници кои во Касерта со часови го чекаа. На сите нив Папата им рече дека Исус е надеж, Он е богатство кое го преобразува животот на луѓето кога луѓето ќе Го најдат. Осврнувајќи се на параболата од литургиското Евангелие за богатиот трговец и сиромашниот селанец на богаството кое го откриле, бисерот и богатството, Папата рече дека параболите го објаснуваат тоа што е Царството Божјо како да го најдеме и што да направиме за да го добиеме, бидејќи од спомнатите параболи се заклучува дека Царството Божјо е присутно во самата Исусова личност – рече Папата и продолжи.
Радоста на земјоделецот и на трговецот кога го нашле богатството е еднаква на радоста на секој човек кој во својот живот ја открива близината и присутнуста на Исус: таа присутност го преобразува животот, а нас нѐ отвора за потребите на браќата; таа присутност нѐ повикува да ја прифатиме секоја друга присутност, исто така и странците и мигрантите. Таа присутност е гостољубива, радосна и плодна. Такво е царството во нас – рече Папата.
Зборувајќи за средбата со Исус, Папата рече дека секој верник на свој начин се среќава со Него; некои срдечно ја сакат таа средба, некои Го откриваат изненадувачки, но секогаш –продолжи Папата – Он е Тој кој бара и дава да Го најдеме и оној кој не го бара, во необични места и во неочекувани времиња. Исус е меѓу нас, Тој денес е овде. тој рече: „Кога сте собрани во мое име, Јас сум со вас.“ Господ е овде, со нас, Тој е меѓу нас – истакна папата Фрањо.
Зборувајќи за тоа како човекот реагира кога ќе го запознае Исус истакна дека реакцијата е секогаш иста: стануваме маѓепсани, освоени, со задоволство се напушта вообичаениот начин на живеење кој понекогаш е сувопарен и непријатен, за да се прегрне Евангелието за да се препуштиме на водењето на новата логика на љубовта, на понизното и бесплатното служење – рече Светиот Отец и повторно ги повика верниците со себе секогаш да го носат Евангелието, дневно да читат по еден дел…
Колку од вас секој ден читаат еден дел од Евангелието? А колку од вас можеби брзаат да ја завршат работата за да можат да гледат некоја сапуница…? Треба да го имаме Евангелието во рацете, на ноќниот ормар, да го имаме во торбата, во џебот, а потоа да го отвориме и да го читаме Словото Божјо: Божјото Царство така доаѓа. Царството Божјо се приближува во контакт со Исусовите зборови. Добро размислете: секогаш треба да го имате Евангелието на дофат на рацете, случајно го отворате и слушате што вели Исус, Исус е тука – објасни Папата.
За да се стекне Царството Божјо не е доволно само воодушевување, треба на прво место да го ставиме Бог: на Бог да Му дадеме првенство значи да кажеме храбро „не“ на злото, на насилството, на угнетувањето, значи да служиме на другите и на општото добро и да се бориме против безаконието – рече Светиот Отец.
Кога некој човек ќе го сретне Бог, тогаш го отфрла себичното живеење и со другите настојува да споделува љубов која доаѓа од Бог. Кој станува Божји пријател, ги љуби браќата, настојува да го чува нивниот живот и здравјето, ја почитува животната средина и природата – рече Папата мислејќи на горчливата реалност во покраината Кампанија, чие што тло е затруено од смртоносни отрови. Знам дека тоа ви пречи. Кога стигнав меѓу вас некој ми се приближи, говорејќи: Оче, дајте ни надеж – рече Папата и продолжи:
Не можам да ви дадам надеж, но можам да ви кажам дека надежта е таму каде што е Исус. Каде што е Исус, браќата се сакаат, настојуваат да се чува нивниот живот и здравјето, почитувајќи ја исто така животната средина и природата. Таквата над никогаш не лаже, надежта која ја дава Исус – истакна Светиот Отец.
Вашата земја заслужува – продолжи Светиот Отец – заштита и чување: бара смело да се каже „не“ на секој вид корупција и безаконие. Сите го знаеме името на тој облик на корупција и безаконие; бара од сите да служат на вистината и секогаш да живеат евангелски живот, кој се гледа во себедарувањето и во вниманието кон сиромашните и исклучените. Треба да го свртиме погледот на сиромашните и исклучените од општеството – предупреди Папата велејќи дека Светото Писмо е полно со овие препораки.
Господ вели: Вие правите многу работи кои не ме интересираат, а јас сакам да се грижите за сиромашните, за вдовиците, да се прифати исклучениот од општеството, да се чува создаденото. Завршувајќи ја проповедта Папата рече дека градот Касерта го слави својот небесен заштитник, света Ана. Јас сакам да ја нарекувам Исусовата баба; денес е соодветен ден за благодарност на бабите. Кога го кадев олтарот видов нешто многу убаво: кипот на света Ана нема круна, а нејзината ќерка Марија, крунисана. Тоа е многу убаво, света Ана ја подготвувала својата ќерка за да стане царица, да биде Царица на небото и на земјата – истакна Папата.
Таа вршела многу убава работа, навистина убава – рече Светиот Отец, а потоа ги повика сите слободни да го слават празникот на небесните заштитници без никаква условеност, со вистински предизвик на верата на народот кој се признава за Божјо семејство и силната врска на братството и солидарноста – истакна Папата и од народот се опрости со зборовите: „Негувајте ја надежта, надежта не лаже. Ми се допаѓа да ви повторам: не дозволувајте да ви ја украдат надежта! – заврши папата Фрањо.
РВ/Д.И.