Папата на италијанскиот Евхаристиски конгрес: Лебот мора да се дели на трпезата на светот
Папата Фрањо служеше света Литургија во Матера, на југот на Италија, по повод завршувањето на 27. Национален Евхаристиски конгрес. Евхаристиската Црква мора да се состои од жени и мажи „кои се кршат како леб за сите оние кои џвакаат осаменост и сиромаштија, за оние кои се гладни за нежност и сочувство, за оние чии животи се распаѓаат затоа што недостасуваше добриот квасец на надежта“ – истакна Светиот Отец во проповедта.
Папата Фрањо ги повика христијаните „да се вратат на вкусот на лебот за да се потсетат дека додека ова наше земно постоење се троши, Евхаристијата го антиципира ветувањето за воскресение и нè води кон нов живот кој ја победува смртта“.
Зборувајќи на проповедта за време на светата Литургија на крајот од 27. Национален Евхаристиски конгрес, Папата се осврна на Евангелието според Лука, кое зборува за сиромавиот Лазар кој залудно се надевал дека ќе се нахрани со трошките што паднале од трпезата на богатиот (Лука 16, 19-31).
„Евангелието што штотуку го слушнавме ни кажува дека лебот не се дели секогаш на трпезата на светот; не секогаш мириса на заедништво; не е секогаш прекршен праведно“, рече папата Фрањо.
Повикувајќи ги верниците да размислуваат за драматичната сцена што ја опишува Исус во таа парабола, која ни прикажува од една страна „богат човек облечен во пурпурни облеки и свила, кој се фалеше со својот раскош и раскошно се гостеше“, а од друга страна „сиромав човек покриен со рани, кој лежи на вратата надевајќи се дека ќе се најаде од трошките што паѓаат од таа трпеза“, истакна Папата дека, соочени со оваа противречност, мора да се запрашаме која е тајната на Евхаристијата – „изворот и врв на христијанскиот живот“ – што бара од нас?
Божјото првенство
Најпрво, објасни Светиот Отец, Евхаристијата нѐ потсетува на Божјото првенство. Богатиот човек во параболата не е отворен за врска со Бога: „мисли само на сопствената благосостојба, на задоволување на сопствените потреби, на уживање во животот“. Тој се задоволува себеси и се поклонува на светското богатство, е затворен во својот мал свет. Задоволен, опиен од пари, зашеметен од суета, за Бог нема место во неговиот живот затоа што само себеси се поклонува“. Не случајно, продолжи Светиот Отец, не се спомнува неговото име: го нарекуваме „богатиот“ затоа што неговиот идентитет произлегува од добрата што ги поседува.
Папата рече дека ова е тажна реалност што продолжуваме да ја гледаме денес „кога го заменуваме она што сме со она што го имаме. Кога ги проценуваме луѓето според нивното богатство, титулите што ги носат, улогите што ги играат или ознаките на облеката што ја носат“.
„Тоа е религија на поседување и изглед, која често доминира во овој свет, но на крајот нѐ остава со празни раце.
Напротив, продолжи папата Фрањо, сиромавиот има име: Лазар, што значи „Бог ќе помогне“.
„И покрај неговата состојбата на сиромаштво и маргинализација, неговото достоинство е недопрено, бидејќи живее поврзан со Бога. Има нешто од Бога во самото негово име, а Бог е непоколеблива надеж на неговиот живот“, рече папата Фрањо.
„Тука е, значи, предизвикот што Евхаристијата го нуди на нашите животи: да се поклонуваме на Бога, а не на себе“.
Повикувајќи ги верниците да го стават Господ во центарот, Папата рече дека „ако се поклонуваме себеси, умираме задушувајќи се во нашето мало јас; ако ги обожуваме богатствата на овој свет, тие нè преземаат и нè прават робови; ако го обожаваме богот на илузиите и се опиваме со распиништво, животот порано или подоцна ќе ни поднесе сметка“.
Напротив, кога му се поклонуваме на Господ Исус присутен во Евхаристијата, добиваме и нов „изглед“ за нашиот живот: „Јас не сум оние работи што ги поседувам и успесите што ги постигнувам; Вредноста на мојот живот не зависи од тоа колку можам да се пофалам, ниту пак се намалува кога нема да успеам и кога ќе паднам“.
„Јас сум сакано дете; Јас сум благословен од Бога; Ме облече со убавина и сака да бидам ослободен од сите окови. Кој го обожава Бога, не станува ничиј роб“.
Љубов кон нашите браќа и сестри
Покрај Божјото првенство, продолжи Папата, Евхаристијата нѐ повикува да ги љубиме нашите браќа и сестри.
Овој Леб, рече Папата, е Света Тајна на љубовта. „Христос е тој што се нуди и се прекршува за нас и бара од нас да го правиме истото.“
Богатиот од Евангелието не успева во оваа задача и кога на крајот од неговиот живот Господ ја превртува плочата, конечно го забележува Лазар, но Авраам му вели: „Меѓу нас и тебе има голема провалија“. (Лука 16,26).
Нашата вечна иднина зависи од овој сегашен живот: ако копаме провалија меѓу себе и нашите браќа, ние си го „копаме сопствениот гроб“ за подоцна“, истакна папата Фрањо.
„Ако сега креваме ѕидови против нашите браќа, ќе останеме заробени во осаменост и смрт.“
Парабола за нашето време
Папата истакна дека оваа парабола е сè уште приказна за нашето време: „неправди, нееднаквости, нееднаква распределба на ресурсите на земјата, злоупотреба на моќниците против слабите, рамнодушност кон плачот на сиромашните, провалијата која секојдневно ја копаме создавајќи маргинализацијата“, не може да нѐ остави рамнодушни“ – рече Римскиот бискуп.
Ги повика христијаните да препознаат дека Евхаристијата е пророштво за новиот свет, дека присуството на Исус е она што бара од нас да се посветиме за да може да се случи ефективно преобраќање: „од рамнодушност кон сочувство, од расипништво до споделување, од себичност до љубов, од индивидуализам до братство“.
Евхаристиска Црква
Папата рече дека евхаристиската Црква мора да се состои од жени и мажи „кои се прекршуваат како леб за сите оние кои џвакаат осаменост и сиромаштија, за оние кои се гладни за нежност и сочувство, за оние чии животи се распаѓаат затоа што недостасува добриот квас на надежта“.
Тоа е Црквата, продолжи Петровиот наследник, која клечи пред Евхаристијата и се поклонува на Господа присутен во лебот, но која „исто така знае да се наведнува со сочувство пред раните на оние што страдаат, кревајќи ги сиромашните, бришејќи ги солзите на оние кои страдаат, станувајќи леб на надеж и радост за сите“.
„Нема вистинско славење на Евхаристијата без сочувство за многубројните „Лазари“ кои и денес одат со нас“.
Повторувајќи ја темата на Конгресот, Папата ги повика присутните „да се вратат на вкусот на лебот“, бидејќи додека сме гладни за љубов и надеж или сме скршени од искушенијата и страдањата на животот, Исус станува храна што храни и нè лекува.
Апостоли на братството
Да се вратиме на вкусот на лебот, бидејќи додека во светот продолжуваат да се случуваат неправди и дискриминација кон сиромашните, Исус ни го дава Лебот на споделувањето и секојдневно нѐ испраќа како апостоли на братството, правдата и мирот, рече Светиот Отец.
„Да се вратиме на вкусот на лебот за да бидеме евхаристиска Црква, која го става Исус во центарот и станува леб на нежност и милост за сите.“
Да се вратиме на вкусот на лебот за да се потсетиме дека додека се троши ова наше земно постоење, Евхаристијата го антиципира ветувањето за воскресението и не води кон нов живот кој ја победува смртта, рече Папата, повикувајќи ги христијаните да се вратат на вкусот на лебот секогаш кога надежта исчезнува и ја чувствуваме осаменоста на срцето, внатрешниот замор, маката од гревот, стравот од неуспехот“.
„Да се вратиме кај Исус, да му се поклониме на Исус, да го поздравиме Исус. Затоа што Тој ја победува смртта и секогаш го обновува нашиот живот“.
Ватикан њуз/к.мк