Папата на Генералната аудиенција: Црквата е Тело Христово
На Генералната аудиенција на 22 октомври 2014 година за време на обиколката низ плоштадот Свети Петар, Папата слезе од автомобилот и се поздрави со групата вработени во авиокомпанијата „Меридијана“. На катехезата пак Светиот Отец зборуваше за Црквата како Тело Христово.
Кога сака да се истакне единственоста на составните делови кои прават една целина, тогаш се користи слика за телото. Почнувајќи од свети Павле таа слика се применува за Црквата и е нејзината главна карактеристика. Во која смисла Црквата е тело? Зошто Црквата се нарекува Тело Христово? – праша Светиот Отец, додавајќи дека пророк Езекил во 37 глава го дава видувањето кое влева доверба и надеж (Ез 37, 1-14). Божјиот дух ги оживува коските кои биле расфрлени низ полето – рече Папата, додавајќи.
Ве молам прочитајте ја 37 глава од Книгата на пророкот Езекил. Тоа е сликата за Црквата. Црквата е ремек-дело на Светиот Дух, Кој во секој го влева новиот живот на Воскреснатиот, нè собира во заедница, за еден на друг да си служиме и взаемно да се поддржуваме, правејќи од нас едно тело, создадено во заедништво и љубов – објасни папата Фрањо. Но, Црквата не е само тело во Духот. Црквата е тело Христово. Навистина ние сме Телото Христово. Тој голем дар го примаме на крштението. Христос во светата Тајна крштение нè посвојува, прифаќајќи нè во таинството на крстот, во таинството на љубовта, за да не воскресне со Себе како нови созданија. Така Црквата се појавува и се признава за Тело Христово. Крштението е ново раѓање во Христос, преку Крштението стануваме дел од Христос, стануваме органи на телото чија глава е Христос (Рим 12,5; 1Кор 12, 12-13) – рече папата Фрањо.
Зборувајќи за заедништвото на љубовта која произлегува од светата Тајна Крштение, Папата рече дека во таа смисла е многу поучен свети Павле кој поттикнувајќи ги мажите да ги сакаат жените како своето тело вели: „Како што и Христос ја засака Црквата, ние сме членови на Неговото Тело“ (Еф 5, 28-30). Би било убаво често да се сеќаваме на тоа што сме, што од нас направи Господ Исус: Негово Тело сме, кое ништо и никој не може да го оттргне од Него, а кое Он го обвива со својата љубов, како свршеникот свршеницата – истакна Папата додавајќи дека таа мисла треба во нас да поттикне желба на љубовта Господова да одговориме со меѓусебна љубов.
Во времето на свети Павле имало тешкотии меѓу христијаните во Коринт: поделби, љубомора, недоразбирања и маргинализација. Такви облици на однесување не се добри, бидејќи наместо изградба, ја растураат и делат Црквата – „Телото Христово“. Тоа се случува и во нашето време, во нашите христијански заедници, во некои парохии, а колку поделба има во нашите населби, колку завист, озборување, недоразбирања и маргинализирање? А последица на тоа е војна. Војната не започнува на бојно поле, војната започнува во срцето, со недоразбирања, завист, љубомора, спорови со другите – истакна Светиот Отец.
Апостол Павле на Коринтјаните им дал некои конкретни совети кои важат и за нас: Не бидете љубоморни, туку ценете ги во нашите заедници даровите и доблестите на нашите браќа. Љубоморат: „купил автомобил“ и чувствувам љубомора заради тоа; „Овој добил на лото“ и повторно љубомора; „На овој му оди добро во она“ и уште една љубомора. Сето тоа донесува раскол, прави зло, тоа не смее да се прави! Бидејќи така љубомората расте и го исполнува срцето. А љубоморното срце е незадоволно, во неговите жили наместо крв тече жолчка: тоа срце никогаш не е среќно, ја растура заедницата. Но, што ние да правиме? Да ги цениме во нашите заедници даровите и доблестите на другите наши браќа. А кога ќе ме обземе љубомора – сите паѓаме во тоа искушение, сите сме грешни – тогаш треба да кажам: Ти благодарам Господи што тоа си го дал на тој човек.“ Треба да ги цениме доблестите, да станеме блиски и да учествуваме во страдањата на последните и оние во потреба, на сите треба да и покажуваме благодарност. Срцето кое знае да каже благодарам е добро срце, тоа е благодорно срце, тоа е срце кое е задоволно. Ве прашувам: знаеме ли секогаш да си кажеме благодарам? Не секогаш, бидејќи зависта и љубомората помалку нè кочат. И на крајот советот кој апостол Павле им го дава на Коринтјаните и ние мораме да го даваме еден на друг: не сметај никој за поголем од другите. Колку само се сметаат за поголеми од другите! И ние многу пати кажуваме како оној фарисејот од параболата: Ти благодарам Господи што не сум како овој, поголем сум. Но, тоа е грдо, тоа не смее никогаш да се прави! А кога сакаш тоа да го направиш сети се на своите гревови, оние за кои никој не знае, засрами се пред Бог и речи: Но, Ти Господи, Ти знаеш кој е голем, јас нема повеќе збор да кажам. И тоа е добро. И секогаш во љубовта сметајте се за органи едни на други кои живеат и се даруваат за корист на сите (1 Кор 12-14).
Драги браќа и сестри како пророкот Езекил и како апостол Павле, да го повикаме Светиот Дух, Неговата милост и изобилството на Неговите дарови да ни помогнат да живееме навистина како Тело Христово, обединети како семејство, но семејства кои се Христово Тело и како видливи и прекрасни знаци на Христовата љубов.
Поздравувајќи ги бројните поклоници на плоштадот Свети Петар, а имаше многу од Јапонија и Кина и ги поттикна младите, болните и брачните парови во текот на мисискиот месец да го обноват учеството во посланието на Црквата.
РВ/Д.И.