Папата на Генералната аудиенција: Свети можеме да бидеме насекаде и преку малите работи

На почетокот на катехезата на Генералната аудиенција на 19 ноември Светиот Отец потсети на значењето на Вториот ватикански собор во поглед на обновената визија на Црквата, заснована на заедништвото и подоброто разбирање на начелото на власта и хиерархијата. Тоа ни помага подобро да сфатиме дека сите христијани – како крстени луѓе – пред Бог имаат еднакво достоинство и им е упатен ист повик – повикот за светоста (Конст. Lumen gentium, 39-42). Денес да се запрашаме во што се состои повикот за светост и како можеме да го оствариме? – рече Папата.

Прво, треба да знаеме дека светоста не е нешто што ние за себе си го „обезбедуваме“; нешто што го постигнуваме со своите способности и квалитети. Светоста е дар кој ни го дава Господ Исус кога ќе нè земе под Свое и ќе нè облече со Самиот Себе: за да бидеме како Него, Нему слични. Светоста е најубавото лице на Црквата: тоа е повторно откривање на себе во заедништво со Бог во полнината на Неговиот живот и љубов.

Разумно е дека светоста не е својствена само за некои: светоста е дар понуден на сите – никој не е исклучен – и секој христијанин во неа се разликува. Тоа значи дека за да се биде свет не треба неопходно да бидеш епископ, презвитер или да припаѓаш на монашкиот сталеж… Сите сме повикани на постигнување на светоста! Многу пати во искушенијата сме помислиле дека светоста е резервирана само за оние кои се во можност да се одделат од секојневното делување за да се дадат исклучиво на молитва. Не е така.

Некој мисли дека светоста значи да ги затвориш очите и да направиш убав израз на лицето – рече Папата – светоста е нешто највозвишено и најдлабоко што ни го подарува Бог. Односно, живеејќи во љубов и нудејќи го сопственото христијанско сведоштво среде секојдневните работи и обврски повикани сме да станеме свети. Секој според сопствените услови и животниот сталеж во кој се наоѓа.

Дали си посветен? Биди свет живеејќи го радосно своето себедарување и извршувајќи ја својата служба. Оженет ли си, омажена ли си? Биди свет љубејќи ја и грижејќи се за својата жена; својот маж како што Христос направи за Црквата. Ако си крстен, а неоженет? Биди свет праведно и стручно исполнувајќи ги своите должности и одвојувајќи време и за служба на браќата. Но, оче јас работам со броеви во областа на сметководството сум; таму не можам да се посветам. – Можеш! Таму каде што работиш можеш и да се посветиш. Бог ти ја дава милоста на посветувањето: тебе ти се објавува. Секогаш и на секое место може да се постане свет; односно: да се отвориш за таа милост која во нас делува и нè носи кон светоста – рече папата Фрањо. Ако си родител или дедо, биди свет предано поучувајќи ги децата или внуците во познавањето и наследувањето на Исус. Тука пак се сака многу трпение за бидеме добри родители; добар дедо, мајка, баба…! Потребно е толку трпеливост, а преку неа се доаѓа до светоста – практикувајќи трпеливост! Ако си вероучител, воспитувач или волонтер биди свет или света станувајќи видлив знак на Божјата љубов и присуство меѓу нас. Видете, секоја класа секогаш води до светост, во својата куќа, на улица, на работа или во Црква, во тој час и класа отворен ти е патот кон светоста. Не плашете се да тргнете по тој пат – поттикна Папата – Бог ни ја дава својата милост. Господ единствено бара да бидеме со Него во заедништво и во служа на ближниот – рече Папата и потоа поттикна секој од присутните да се испита себе и во себе да одговори: Како досега реагирав на Божјиот повик за светост? Имам ли волја да станам макар малку подобар или подобра; да станам повеќе христијанин или христијанка? Тоа е патот кон светоста.

Кога Господ нè повикува на светост, нè не повикува на нешто тешко или жалосно – рече папата Фрањо – Потполно поинакво. Нè повикува на учество во својата радост; да живееме и со радост да го нудиме секој момент од својот живот правејќи истовремено со дарот на љубовта на луѓето кои нè опкружуваат. Ако ова го сфатиме, сè се менува и добива ново и убаво значање, почнувајќи од малите секојдневни работи.

Пример: некоја госпоѓа влезе во дуќан и сретне познаница и ќе започнат разговор. Ќе дојде и до муабет и ова госпоѓа ќе каже: Не, нема никого да озборувам. Тоа е еден чекор кон светоста; ти помага да станеш посветол или посветла – рече Папата. Потоа дома детето ти раскажува за своите фантазии, а ти велиш дека си многу си работел и дека си уморен – Па, раскомоти се и слушни го детето кое има потреба. Ти тоа внимателно слушај го – тоа е исто еден чекор кон светоста.

На крајот на денот сите сме изморени, но молитвата да не ја пропуштиме – и тоа е чекор кон светоста… ќе дојде недела и одиме на литургија, се причестуваме на кое што понекогаш му претходи исповед која малку ќе нè прочисти – и тоа е чекор кон светоста. После тоа да помислиме на Богородица толку добра и убава и да ја земеме Бројаницата и да и се молиме. И тоа е чекор кон светоста.

Потоа излегувам на улица и среќавам сиромашен, некој во потреба; ќе застанам и се интересирам за него и му давам било што– исто така е чекор кон светоста. Мали работи, но толку мали чекори кон светоста – рече Папата. Секој направен чекор кон светоста нè прави подобри луѓе, слободни од себичноста и затвореноста во себе, а отворени за браќата и сестрите и нивните потреби.

Папата потоа ги потсети собраните верници на зборовите на апостолскиот првак, свети Петар: „Служете си еден на друг, секој со дарот што го примил, како добри распоредници на разнобразната Божја благодат. Ако некој говори, нека знае дека зборува Божји зборови; ако некој служи, нека служи според силата, која Бог ја дава, та во сè да се прослави Бог преку Исуса Христа. Чија слава и владеење се вечни.“ (1Петр 4, 10-11).

Ете повикува на светост! Да го прегрнеме со радост и едни со други да се подржуваме, бидејќи на патот кон светоста не одиме сами; секој за себе, туку одиме заедно, во она едно тело кое е Црквата, љубена и света преку Господ Исус. Да се осмелиме храбро да чекориме на патот кон светоста – поттикна Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот