На Генералната аудиенција, папата Фрањо ја започна новата серија катехези посветени на „љубовта кон евангелизацијата“; радосното навестување на Евангелието до крајните граници на планетата е животна димензија за Црквата, почнувајќи од сопствената средина, без прозелитизам, туку со привлечност, како што поучуваше Бенедикт XVI.
Љубовта кон евангелизацијата, односно апостолската ревност, е темата на серијата катехези кои папата Фрањо ги започна на Генералната аудиенција во среда 11 јануари 2023 година. На почетокот на катехезата, тој истакна дека ова е итна и одлучувачка тема за христијанскиот живот и за Црквата, која е родена мисионерка и е повикана да биде – како што рече – „заразен сведок на Исус, кој се пружа и ја шири неговата светлина до краиштата на земјата“. Истовремено, веднаш појасни дека евангелизирањето не значи прозелитирање; Тоа се две различни работи.
Посланието е кислородот на христијанскиот живот
Меѓутоа, може да се случи да ослабне желбата да излеземе за да се допреме до другите и да им го навестуваме Евангелието – истакна Папата.
Понекогаш изгледа како да исчезнала; тоа се затворени христијани, не мислат за другите. Но, кога христијанскиот живот ќе го изгуби од вид хоризонтот на евангелизацијата, хоризонтот на навестување, станува болен: се затвора во себе, станува самореференциран, закржлавен. Без апостолски жар, верата пресушува. Посланието, сепак, е кислородот на христијанскиот живот: го зајакнува и прочистува.
Каков е нашиот поглед кон другите?
Целта на овие катехези, значи, ќе биде повторно да го запали огнот што Светиот Дух секогаш сака да го разгори во нас, а првата се однесува на настанот за кој ни зборува Евангелието: повикот на апостол Матеј. Исус, раскажува самиот Матеј, во тој цариник, кого сите го презираа затоа што го сметаа за соработник, за предавник на народот, „виде еден човек“. Папата посебно го истакна зборот „виде“, односно Исусовиот поглед со љубов кој се приближува кон тој грешник. Сè поаѓа од тоа, од тоа што Исус не запира на називите „даночник“ или „грешник“, туку оди кај личноста.
Можеме да се запрашаме: каков е нашиот поглед кон другите? Колку пати ги гледаме нивните маани, а не нивните потреби; колку пати ги етикетираме луѓето поради тоа што го прават или мислат! А како христијани знаеме да кажеме: дали е наш или не е од нашите? Тоа не е Исусовиот став; Тој секогаш гледа на сите со милост и посебна наклонетост. Христијаните се повикани да се однесуваат како Христос, гледајќи ги таканаречените „далечни“ со неговите очи.
Неопходно е да се оди со други
Матеј одговара на Исусовиот поглед– забележа Папата – се движи, станува и врви по него. Светиот Отец истакна дека е важен деталот што Матеј станал важен, бидејќи го означува негово одвојување од моќта. Во тоа време – објасни тој – кој седеше имаше авторитет над другите што стоеја пред него. Исус му го отвора на Матеј хоризонтот на служење.
Тоа е она што Христос го прави и тоа е основно за христијаните: ние Исусовите ученици, ние Црквата, дали седиме и чекаме луѓето да дојдат или знаеме да станеме, да одиме по истиот пат со другите, да бараме други? Нехристијанско гледиште е да се каже: „Нека дојдат, јас сум тука, нека дојдат“. Не, оди барај ги, ти треба да го направиш првиот чекор.
Почнете да сведочете за Исус од вашата средина
Матеј се придвижи, но зошто, што започна да прави? – праша папата Фрањо. Би биле склони да размислуваме кој знае какви нови искуства, а идниот ученик се враќа во својот дом за да подготви, како што раскажува Евангелието според Лука, голема гозба, на која „имаше многу митници и други, што седеа на трпезата со нив“ (Лука 5,29).
Матеј се враќа во својата средина, но се враќа променет и со Исус. Неговата апостолска ревност не започнува на некое ново место, чисто и идеално, туку таму каде што живее, кај луѓето што ги познава. Ова е порака за нас: не треба да чекаме додека не бидеме совршени и да поминеме долг пат во следењето на Исус за да сведочиме за Него. Нашето навестување започнува денес, таму каде што живееме. И тоа не започнува со обидот да ги убедиме другите, туку секој ден да сведочиме за убавината на Љубовта која нè погледна и ни помогна да станеме; и таа убавина, навестување на таа убавина, ќе ги увери луѓето; не ние, туку самиот Господ. Ние сме тие што го навестуваме Господ, не се навестуваме самите, ниту некоја политичка партија, идеологија.
Црквата расте во привлечноста
Римскиот бискуп потсети на зборовите на Бенедикт XVI, кој во врска со тоа рече дека Црквата не спроведува прозелитизам, туку расте со привлечност. Во исто време, папата Фрањо раскажа за една група корејски калуѓерки кои работеле во болница во Аргентина и кои не знаеле ниту еден шпански збор, но пациентите веднаш се почувствувале сакани, бидејќи со своите гестови и погледи сведочеле за Исус. Тоа е привлечноста, спротивно на прозелитизмот, а ова привлечно и радосно сведоштво е целта кон која нè води Исусовата љубов – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк