Папата на Генералната аудиенција: Крштението не е формалност

На првата Генерална адиенција во ова година на плоштадот Свети Петар, Папата започна нов циклус на катехези за светите Тајни. Денес, 8 јануари говореше за светата Тајна Крштение. Нашата вера се темели на светата Тајна крштение, по која како живи членови сме накалемени на Христа и на неговата Црква. Заедно со Евхаристијата и Миропомазанието, Крштението ја прави т.н. „христијанска иницијација“, по која се сообразуваме со Господ и стануваме жив знак на неговата присутност и љубов – рече Папата.

Можеме да се прашаме дали крштението навистина е потребно за да можеме да живееме како христијани и да го следиме Исус? Нели е тоа само формален чин на Црквата за да му се даде име на детето. Тоа ни го расветлува свети Павле: „Зар не знаете дека сите ние што се крстивме во Исуса Христа, во Неговата смрт се крстивме. И така, ние се погребавме со Него преку крштевањето во смртта, та како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот.“ (Рим 6, 3-4). Не е формалност. Тој чин влијае во длабочината на нашето постоење. Крстено и некрстено дете не е исто. По крштението сме потопени во неисцрпниот извор на живот, што е Исусовата смрт, најголем чин на љубов во целата историја; благодарение на таа љубов можеме да живееме нов живот, но не под власта на злото, гревот и смртта, туку во заедништво со Бог и со браќата – објасни Папата и продолжи:

Многу од нас не се сеќаваат на датумот на своето крштение, затоа што сме крстени веднаш по раѓањето. Еден овде на плоштадот го прашав: кој од вас се сеќава на датумот на своето крштение? Нека дигне рака. Кој знае? Имаше малку. Но важно е да знаеме, кога сум потопен во течението на Исусовото спасение. Затоа ве советувам, односно ви давам домашна задача: кога ќе си одите дома, прашајте кога сте крстени и така ќе го дознаете датумот на крштението. Сакате ли тоа да го направите? Народ одговори потврдно. Да, затоа што е важно да го знаеме среќниот датум на нашето крштение – рече Светиот Отец додавајќи:

Постои опасност да го заборавиме тоа што Господ го направи во нас, да не се сеќаваме на примениот дар, да го сметаме за минат настан и затоа да нема никаков одраз во сегашноста. Мораме да го разбудиме сеќавањето на своето крштение: да го разбудиме памтењето за крштението. Повикани сме во сопствениот живот, секогаш да го живееме како секојдневно случување. Со тоа да успееме да го следиме Исус, да бидеме во Црквата, и покрај своите ограничувања, слабости и гревови, можеме да се заблагодариме на светата Тајна по која сме станале ново создание, облечени во Христа – истакна Папата.

Со силата на Крштението кое не ослободи од источниот грев, вклучени сме во Исусовиот однос со Бог Отец; носители сме на нова надеж, затоа што крштението ни дава нова надеж: надеж за цел живот да чекориме по патот на спасението. Ништо не може да ја згасне оваа надеж, затоа што надежта не лаже. Запамтете: ова е вистина. Надежта во Господ никогаш не лаже. Благодарение на Крштението, способни сме да простуваме и да ги љубиме своите непријатели, а во последните да го препознаеме лицето Господово – истакна Светиот Отец.

Толкувајќи го многу важниот аспект на Крштението, Папата праша: Може ли некој сам да се крсти? Народот одговорил: Не! Дали сте сигурни? Да, одговори народ. Не може, никој не може сам да се крсти. Можеме да бараме, да сакаме Крштение, но некој во Господовото име треба да ни ја подели таа света Тајна. Затоа што Крштението е дар кој се поделува во контекст на посветеност и братско делење. Секогаш во историјата некој некого крштевал, тоа е непрекинат ланец на милости. Не можам сам да се крстам, од друг треба да барам крштение. Тоа е чин на братство, чин на посинувување во Црквата. Во славењето крштението може да се препознае како главно обележје на Црквата, која како мајка продолжува да раѓа деца во Христа, во плодноста на Светиот Дух – нагласи папата Фрањо.

Завршувајќи ја катехезата Папата ги поттикна присутните на молитва до Господ за сите да можеме да ја искусиме милоста на Крштенито; во нас нашите браќа да можат да сретнат вистински деца Божји, Исусови браќа и сестри, вистински членови на Црквата. Не ја заборавајте домашната задача. Треба да се знае датумот на раѓање, треба да се знае и датумот на крштение, затоа што е ден на славење – заврши папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот