Папата на Воскресното бдение: Не плашете се! Вратете се за да го сретнете Христос

Не плашете се, вратете се за да го сретнете Христа! – поттикна Светиот Отец на Велика сабота, 19 април во текот на Велигденското бдение кое го предводеше во базиликата Свети Петар, потполно исполнета со верници. Папата посебно ги поттикна верниците да се вратат на корените на верата, без страв, за да допуштат да ги прегрне Божјото милосрдие. Во текот на славењето Папата ги подели светите Тајни Крштение, Миропомазание и прва света Причест на десет катекумени: пет од Италија, а останатите од Белорусија, Сенегал, Либан, Франција и Виетнам.

Да тргнеме на пат! Да, едноставно е пат, одење кон Христос, зборови со кои папата Фрањо ја заврши проповедта на Велигденското бдение. Тоа е, меѓутоа, завршеток кој истовремено е нов почеток затоа што „да одиш“ значи „да одиш во Галилеја“, каде што сѐ започнало, каде што Исус ги повика рибарите и тие го следеле. Да се вратиш во Галилеја значи повторно да се прочита сѐ, почнувајќи од крстот и победата – истакна папата Фрањо. Да прочиташ сѐ: проповедувањето, чудата, новата заедница, воодушевувањата и пропустите, сѐ до предаството; повторно да прочиташ сѐ почнувајќи од крајот, од тој најголем чин на љубовта, која е нов почеток.

Не плашете се! Не стравувајте! (…)„Да одиш во Галилеја“ значи нешто убаво; за нас тоа значи одново да го откриеш своето крштение како жив извор, значи да црпиш нова сила од корените на својата вера и христијанското искуство. Да се вратиш во Галилеја пред сѐ значи да се вратиме таму, на она жариште на кое што Божјата милост ме допрела на почетокот на патот. Од тие искри можам да го запалам огнот за денес, за секој ден и да носам топлина и светлина на своите браќа и сестри. Со таа искра се запалува понизната радост, добра и блага радост која не навредува болка и очај – рече Светиот Отец.

Но, после крштението – истакна потоа Папата – во животот на христијаните постои и една, поголема животна „Галилеја“: искуството на лична средба со Исус Христос, кој ме повика да го следам и да учествувам во Неговото послание. Во таа смисла, да се вратиш во Галилеја значи да го чуваш во срцето живото сеќавање на тој повик, кога Исус го помина мојот пат, милосрдно ме погледна и ме повика да го наследува; треба да го вратиме сеќавањето на тој момент во кој Неговиот поглед се сретна со мојот, момент во кој ми даде да почувствувам дека ме љуби – истакна Светиот Отец.

Потоа, Папата до срцето на секој христијанин упати директно прашање? Денес, уште ова ноќ, секој може да се праша: каде е мојата Галилеја? Се сеќавам ли? Дали сум ја заборавил? Побарај ја и ќе ја најдеш! Таму те чека Господ! Дали сум одел по патишта и патеки поради кои сум ја заборавил? Господи, помогни ми; кажи ми која е мојата Галилеја; сакам таму да се вратам за да Те сретнам и да дозволам да ме прегрне Твоето милосрдие. Не плаши се, не стравувај, врати се во Галилеја – рече Папата.

Евангелието е јасно: треба да се вратиме таму за да го видиме Воскреснатиот Исус и да станеме сведоци на Неговото воскресение. Не е тоа враќање назад, не е тоа некоја носталгија. Тоа е враќање на првата љубов, за да го примиме огнот кој Исус го запали во светот и да го донесуваме на сите, сѐ до крајот на светот. Треба да се вратиме во Галилеја без страв – поттикна на крајот Светиот Отец.

Силното и сугестивно Велигденско бдение започна во атриумот на Ватиканската базилика со обредот на благослов на оган и палење на воскресната свеќа. А во моментот на крштението, делењето на Миропомазанието и Првата Причест, на лицата на десетмината катекумени можеше да се забележи радост и возбуда; од најмладиот 7 годишниот Џорџо до најстариот 58 – годишниот Метју од Виетнам. На сите папата Фрањо им даде бакнеж на мирот.

На крајот на Мисата Светиот Отец на бројните присутни верници им го честита Воскресението, поттикнвајќи ги да одат напред без страв и со желба да се вратат во првата Галилеја за да го сретнат Господ.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот