„Најдете ја изгубената надеж, обновете ја во себе, за потоа да ја донесете на светот, како ходочесници на светлината во темнината“, повика Папата на свечената света Литургија во базиликата Свети Петар на 24 декември 2024 година. во ноќта на Рождеството Христово
Светиот Отец во својата проповед потсети на радосната вест што ја објави Божјиот ангел: „Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“ (Лука 2,10-11). „Господ стана еден од нас за да нè направи како него, дојде кај нас да не подигне и да не врати во прегратките на Отецот“, рече Папата.
„Бог стана човек. Бесконечно големото стана мало. Божествената светлина светна во темнината на светот. Небесната слава се појави на земјата во облик на мало дете. Господ дојде кај нас, што значи „надежта не е мртва, надежта е жива и секогаш ги опкружува нашите животи!“, истакна Светиот Отец.
Папата Фрањо потсети на отворањето на Светата врата и почетокот на јубилејот. „Ова е ноќта кога Портата на надежта му се отвори на светот. Ова е ноќта кога Бог им вели на сите: има надеж и за вас! Бог секогаш простува“, потсети Папата.
„За да го добиеме овој дар – истакна Папата – повикани сме да одиме како пастирите од Витлеем. Евангелието вели дека кога го слушнале ангелот, „дојдоа брзо“ до местото (Лука 2,16). Исто така, мора да ја најдеме изгубената надеж, да ја обновиме во себе, да ја посееме во пустошот на нашето време и светот: брзо. „Не одложувајте, не одложувајте, туку нека ве привлече Радосната вест“, повика Папата.
„Христијанската надеж не е среќен крај на филмот што мораме пасивно да го чекаме: тоа е Господовото ветување што мораме да го прифатиме овде и сега, на оваа земја што страда и плаче“, рече Светиот Отец и ги повика слушателите да не одложуваат, да не се задржуваат во просечноста и мрзеливоста, да станат ходочесници во потрага по вистината, неуморни сонувачи кои сонуваат за нов свет во кој владее мирот и правдата.
Папата н повика да ги земеме за пример пастирите: надежта што се раѓа оваа ноќ не поднесува рамнодушност и мрзеливост, не ја прифаќа лажната претпазливост на оние кои не ризикуваат за да не се компромитираат, ниту пресметките на оние кои мислат само на себе. Ова е неспоиво, и не може човек да има мирен живот ако не се декларира против злото и неправдата кон најсиромашните. Напротив, христијанската надеж, која нѐ повикува трпеливо да го чекаме Царството Божјо, бара од нас храброст, одговорност и сочувство да го приближиме ова ветување во нашево време.
Светиот отец го цитираше свештеникот и писател Алесандро Пранцато, кој на Божиќ побара од Бога „да стави во нашите души желба за нешто друго“. Христијанската надеж е токму она „нешто друго“ која нè повикува да брзаме. Од нас, Господовите ученици, се бара во Него да ја најдеме нашата најголема надеж, за потоа да побрзаме да ја донесеме на светот, како ходочесници на светлината во темнината“, рече Папата.
„Јубилејот е време на надеж! Нè повикува повторно да ја откриеме радоста на средбата со Господ, нè повикува на духовна обнова и преобразба на светот, така што овој пат ќе биде навистина јубилеен: за нашата мајка Земја, расипана од логиката на профитот, за најсиромашните земји, оптоварени со неправедни долгови, за сите оние кои се во заробеништво на старото и новото ропство“, рече Папата.
Наша должност е да им донесеме надеж на оние кои ја изгубиле: во моменти на предавство, во скршени соништа, во неуспеси, замор, горчлива осаменост, страдање, во долгите и празни денови на затворениците, во тесните и студени простории на сиромашните, во местата опустошени од војна и насилство.
Јубилејот започнува и секој нека ја прими надежта на Евангелието – надежта за љубов и простување“, рече Папата.
Светиот Отец ги повика присутните да се запрашаат, гледајќи во Бебето Исус во јаслите: „Дали го имаме ова очекување во нашите срца? Ја имаме ли таа надеж во нашите срца? […] Размислувајќи за благодатта Божја која ја победува нашата недоверба и стравови, самите ја откриваме големината на надежта што нè очекува. […] Нека овој поглед на надеж го осветли нашето секојдневно патување“, посака Петровиот наследник.
„Сестро, брате, вечерва за тебе се отвора Светата врата на Божјото срце. Исус, Бог кој стана човек, се роди за тебе, за нас, за секој маж и секоја жена. Со Него радоста цвета, животот се менува, со Него надежта не разочарува“, заврши Папата.
Ватиакан њуз/к.мк