Епископот Стојанов служеше Божиќна Литургија во Струмица

Епископот Стојанов служеше Божиќна Литургија во Струмица

Неговото Високопреосвештенство монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх на 7 јануари 2019 година ја предводеше полноќната божиќна Литургија во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица. На Литургијата сослужуваа свештеници од Струмичко – скопската епархија и од Скопска бискупија.

По завршувањето на Повечерието, а пред почетокот на Литургијата во процесија владиката Стојанов го положи Богомладенецот Исус во јаслите од пештерата, како видлив симбол за Раѓањето Христово. За време на свечената Литургија пееше катедралниот хор.

Во продолжение ја пренесуваме проповедта на епископот Стојанов:

Браќа и сестри, празнуваме Божик. Кај овој збор секогаш нѐ осветлува некакво чудесно светло одвнатре. Многу е стара традицијата дека токму ноќните богослуженија за Божик се најпосетуваните. Што, всушност изразуваме со тоа дека во ноќта го празнуваме тоа таинство? Во Новиот Завет само од еден извештај од евангелието можеме да наслутиме дека раѓањето Исусово се случило во ноќта. Меѓутоа нешто друго се случува во нас кога славиме во ноќта. Познато ни е дека без сонце на нашата земја невозможно е да се има живот. Светлината и топлината се неопходно потребни за да биде воопшто возможен живот. Оттука ништо не е чудно што во некои религии, а пред сѐ во старогрчката и римската имало почитување на сонцето како божество. Од тие стари науки најдлабока била филозофијата и астрономијата. Филозофијата одговара на прашањето: Што е вистина, додека астрологијата открива големи тајни на универзумот, што за нас луѓето сѐ уште е неистражен простор.

Кога свети Матеј известува за доаѓањето на тројцата Мудреци да му се поклонат на Исус, тој говори дека ги води ѕвезда водителка. Што значи, вселенско тело кое само ноќе се гледа, но не и во ден, бидејќи сонцето е многу силно. Но според евангелскиот извештај никаде не пишува дека Мудреците дошле и по ден. Тоа е тој знак преку кој ние христијаните го препознаваме извештајот за доаѓањето на Мудреците. Од сетоа тоа настанал обичај што денес веќе е претеран во секоја смисла на зборот, бидејќи сега со светилките често се декорираат цели градови, ги осветлуваме нашите домови и што е многу симптоматично што целиот западен свет го гледа Божик само во тоа раскошно осветлување и бесконечното трошење на дарови.

Кога во историјата се забележува некоја претераност секогаш е знак дека вистината е на спротивната страна. Ние го обожаваме вештачкото осветлување, но во исто време сме сведоци на игнорирањето на природната светлина. Човекот на денешнината е човек со темнина во себ,  во општеството, но и во историјата. И така, браќа и сестри, дојдовме до темата која сакам со вас да ја споделам во оваа света Литургија.

Светлина. Што е тоа? Можност да ги видиме работите, но и настаните во јасно светло. Значи вистинито. Најсилното светло што ни е дарувано не е ова надворешното, не вештачкото, туку дарувано ни е светло во совеста што ја расветлува нашата внатрешност. Неодамна слушнав една приказна, всушност настан за две лица. Живееле заедно. Толку многу се расправале што понекогаш доаѓало и до непријатни сцени и доколку посредникот не би бил присебен би дошло до поголеми инциденти. Со еден збор не можеле да се поднесуваат. Дури се родил и омраза меѓу нив. Но, животот ги разделува. После многу години на едно од тие лица совеста не му дава спокојство и секако бара начин и можност за помирување. Не знае дека другото лице во меѓувреме ослепува. Кога доаѓа кај него во неговиот дом, слепиот толку убаво го прима како роден брат не сеќавајќи се на ништо што било помеѓу нив. Такви примери можам и можете и вие да набројувате, а можете да знаете и вие колку слепите личности се посебно добри и богати одвнатре. Со светлината на својата совест подобро се гледаат себе одошто ние, кои ги гледаме другите повеќе од себе. Така совеста е најсилно светло кај многумина луѓе дури и насилно се гасне. Луѓето без совест се несовесни и прилагодени повеќе на зло отколку на било што друго. Значи, ако сакаме да го доживееме Божик, драги браќа и сестри допуштете во нас да засветли во полн сјај светлината на совеста.

Друго светло кое што Бог ни го дарува се нашите воспитувачи, учители и сведоци на верата. Тоа се родителите, свештениците, а и секоја личност што има одговорност за другиот. Повторно се среќаваме со горчлива вистина што во многу случаи во наше време затаиле и родителите и учителите и сведоците на верата. Папата Франциск неуморно нѐ повикува да се вратиме на првата вредност, а тоа е пренесување на верата и вредноста на животот со сопствен пример. За тоа може многу да се размислува. Но, Божик е, да допуштиме на ангелите, на светлината што единствено тие вистински ја расветлуваат оваа ноќ да ни ги тргнат сите препреки со кои ги соблазнуваме тие за кои сме одговорни. Пред сѐ децата и младите.

Тројцата мудреци на своето патување ја доживеале вистината на овие зборови. Наидоа кај човек – владетел – од кого се надеваа дека ќе ги добијат вистинските информации, а тој бил човек од темина и не видел што е јасно наведено во книгите, имено дека Месијата треба да се роди во градот Давидов во Витлеем. Следејќи ја својата темнина тој станал бришач на совеста на тројцата мудреци. Повозрасните меѓу нас се сведоци на времето кога во име на власта и моќта, тогашните владетели по секоја цена го гаселе гласот на совеста. Така е родена идеологијата на безбожништвото и генерации се воспитувани во тој дух. Денес можеби е поинаку, но не и полесно, бидејќи ги среќаваме на секој чекор тие кои го гасат гласот на совеста. Браќа и сестри, следејќи го примерот на тројцата Мудреци да се обидеме според гласот на светата Црква која го толкува светото Писмо да ја препознаме вистината како светлина која ќе нѐ доведе до Христос.

Славејќи го оваа година Божик, сакав со вас да ги споделам овие мисли за совеста како светлина на нашиот живот, како ѕвезда водителка во нашиот живот. Апостол Павле нѐ учи дека секој од нас ќе биде суден според својата совест. Во раскошната светлина на оваа наша Катедрала сакам да нѐ допре и она светлина која е доволна силна да ги исчисти нашите срца и совест како би биле исправна светлина за сите околу нас, а пред сѐ родителите за децата и едно со други и одговорни за напредокот на општеството. Нека Божик го донесе тоа Светло – Исус Христос, нему слава и чест во веки веков. Амин.

За авторот