Папата: Надежта никогаш не разочарува

Христијанската надеж е понизна и силна крепост која нè поддржува и не ни дозволува да се удавиме во бројните животни тешкотии – рече папата Фрањо на светата Литургија на 17 март во домот Света Марта. Истакна дека довербата во Господ не разочарува и дека таа е извор на радоста на внатрешен мир.

Нишката на надежта ја поврзува целата историја на спасението

Во денешниот евангелски дел Христос разговара со Јудејците и вели дека Авраам „се зарадува“ од надеж што ќе го види Исусовиот Ден. Појдувајќи од тој извештај Папата ја истакна основната улога на надежта во христијанскиот живот. Авраам имал искушенија на патот на надежта, но поверувал и Го слушал Господ, одејќи кон ветената земја – потсети Папата напоменувајќи дека целата историја на спасението ја поврзува „нишката на надежта.“

Денес Црквата ни зборува за радоста на надежта. Во првата литургиска молитва баравме од Бог милост да ја сочува надежта на Црквата. А Павле зборувајќи за нашиот татко Авраам вели: „без никаква основа за надеж, поверува со надеж“. Кога нема човечка надеж тогаш ја има онаа крепост која води напред – понизна, едноставна, но која дава голема радост и мир, сигурност дека таа надеж не разочарува – рече Папата.

Надежта дава радост и мир

Таа „Аврамова радост“, таа надеж – продолжи Светиот Отец – „расте во историјата“. Понекогаш се сокрива и не се гледа, а понекогаш јасно се покажува. Како пример ја наведе пофалбата на Елисавета која е бремена и која ја посетува Марија. Овде ја гледаме „радоста за Божјото присуство“. А со радоста оди и мирот. Тоа ја дава крепоста на надежта која – повтори – никогаш не разочарува, ниту во моментите на ропство кога Божјиот народ се нашол во туѓа земја.

Зборувајќи за карактеристиките на надежта забележа дека е тешко да се одреди од верата или љубовта. Ја нарече понизна крепост која „тече под водата на животот“, но која нè поддржува и не дозволува да се удавиме во мноштвото потешкотии. Преку неа „на ја губиме желбата за пронаоѓање на Бог“ и неговото „величествено лице кое сите еден ден ќе го видиме.“

Преку надежта, иако грешници одиме напред

Папата Фрањо препорача денес да размислуваме за фактот дека Бог кој го повикал Авраам да излезе од својата земја и да отиде во непозната земја е истиот Бог кој оди на крстот за да го исполни даденото ветување. „Тој е истиот Бог кој во полнината на времето прави тоа ветување да стане реалност за сите нас. А работата која го обединува оној првиот момент со овој последниот е нишката на надежта.“ Таа го поврзува нашиот христијански живот од момент во момент за секогаш да одиме напред – „грешници, но напред – тоа е надеж; она што дава мир во тешките моменти.“ Надежта не разочарува; таа секогаш е присутна: тивка, понизна, но силна – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот