Папата молеше за мир во Асирско-калдејската католичка црква
На 30 септември 2016 година навечер папата Фрањо се сретна со претставници на Асирско – калдејската заедница во црквата Свети Симон. Католичката асирско – калдејска мисија во Грузија е основана во 1995 година и се наоѓа под јурисдикција на Ватикан.
Светиот Отец на таа средба молеше за мир во светот. Молитвата на папата Фрањо ја даваме во целост:
Господи Исусе,
се поклонуваме на твојот крст
кој нè ослободува од гревот, од изворот на секоја поделба и зло;
го навестуваме твоето воскресение;
кое го откупува човекот од ропството на неуспехот и смртта;
го чекаме твоето славно доаѓање,
со кое ќе го воспоставиш твоето царство на праведност, среќа и мир.
Господи Исусе,
преку својата славна мака,
надмини ја тврдоста на нашите срца,
затворени во омраза и себичност;
преку силата на своето воскресение,
избави ги жртвите на неправдата и злоупотребата од нивните страдања;
преку верноста на своето доаѓање,
победи ја културата на смртта и дади да блесне победата на животот.
Господи Исусе,
обедините со својот крст на страдање на толку невини жртви;
деца, стари и прогонети христијани;
зафати ги со својата пасхална светлина оние кои се длабоко ранети:
злоупотребуваните луѓе, лишени од слободата и достоинството;
нека тие кои живеат во несигурност ја искусат непрекинатата постојаност на твоето царство:
прогонетите, бегалците и оние кои ја загубиле радоста на животот.
Господи Исусе,
нека сенката на твојот крст падне на завојуваните народи;
дади да го научат патот на помирувањето, дијалогот и простувањето;
народите изморени од искуството на бомбардирањето да ја искусат радоста на твоето воскресение:
подигни ги Ирак и Сирија од урнатините;
обедини ги своите распрснати деца под своето благо владеење:
воздржи ги христијаните во дијаспората и дади им го единството на верата и љубовта.
О, Дева Марија, Царице на мирот,
која си стоела под крстот,
испроси ни од Синот свој простување за нашите гревови;
ти која никогаш не си се сомневала во победата на неговото воскресение,
зачувај ја нашата вера и нашата надеж;
ти која си устоличена како Царица во славата,
научи нè на царскиот пат на служење и славата на љубовта.
Амин.
РВ/к.мк