Мигрантите мора да ја почитуваат културата и законите на земјата која ги примила за на тој начин со потребната помош да се вклучат во општеството и да ги надминат сите стравови и вознемиреност.
Вистинската заработка се остварува со работа која на човекот му дава достоинство. Економијата не смее да создава „отпад“, туку нови работни места кои ќе ја развиваат, и треба да биде внимателна кон сиромашните и да ја намалува нееднаквоста – рече папата Фрањо во првиот дел од интервјуто за италијанскиот дневен весник „Il Sole 24 Ore.“
Од тој аспект компанијата како таква има пошироко значење и помага да сфатиме дека само барањето профит не гарантира дека компанијата ќе се одржи, и дека повеќе не е возможно бизнисмените да не го слушат крикот на сиромашните – рече Папата и меѓу останатото нагласи: Освен техничката формација во компанијата важна е и формацијата за моралните вредности како што се солидарноста, етиката, правдата, достоинството и одржливоста кои треба да ја збогатуваат мислата и способноста за делување. Сето тоа треба да биде во служба на развојот и еколошката димензија, и за поголема усогласеност на делувањето во политиката, културата, општеството и производството и покрај тоа што уште многу треба да се направи.
Осврнувајќи се потоа на мигрантите Светиот Отец рече дека тие кога се движат ги плашат посебно народите кои живеат во благосостојба. Нема мирна иднина за човештвото освен во прифќањето на различностите, солидарноста и размислувањето за човештвото како за едно семејство. Мигрантите денес се голем предизвик за сите. Тоа што тие го поминуваат треба да го доживееме со нив, не смееме да се плашиме да делиме со нив и да живееме во надеж.
Оние кои доаѓаат во нашата земја и ние кои им излегуваме во пресрет за да ги разбереме, да ја сфатиме нивната култура и јазик, не смееме да го занемариме актуелниот контекст – вели папата Фрањо во интервјуто и продолжува: Таквиот однос е јасен знак дека светот и Црквата настојуваат да бидат отворени, дека вклучуваат и прифаќаат, дека Црквата е мајка која ги прегрнува сите на заедничкиот пат.
Поттикнат да го каже своето мислење за договорите кои се постигнати во Италија на политичко популистичко ниво, а кои не се согласуваат со отворањето на границата за мигрантите, и да се сместат во Европа, Папата повика да ги гледаме луѓето кои бегаат од сиромаштвото и гладта и да ги замолиме претприемачите и европските институции кои имаат таленти и храброст да вложуваат во земјите од кои доаѓаат мигрантите во нивното образование и културата, да отвораат нови работни места давајќи им така на луѓето достоинство, а на земјите способност да градат праведно и демократско општество.
Иако помошта беше великодушна можеби сепак не била доволна и денес плачеме заради илјадниците загинати – рече Светиот Отец и продолжи: Беше премногу молчење. Молчење на здравиот разум, молчење за кое важеше „секогаш така сме правеле,“ молчење кое го покажуваше мислењето „ние секогаш го правиме спротивното од нив.“
Господ ветил утеха и ослободување на сите угнетувани во светот, но за да го спроведе своето ветување на дело потребни сме му ние – рече папата Фрањо и истакна: Му требаат нашите очи за да ги види потребите на луѓето. Му требаат нашите раце за да помогне. Му треба нашиот глас за да ги осуди неправдите направени во тишина, а понекогаш и со учество на многумина. Пред сѐ на Господ му треба нашето срце за да ја покаже милосрдната Божја љубов кон најмалите, отфрлените, напуштените и оние кои се на маргините на општеството.
Мигрантите мора да ја почитуваат културата и законите на земјата која ги примила и на тој начин со потребната помош да се вклучат во општеството и да ги надминат сите стравови и вознемиреност. Таа одговорност ја доверуваме на мудроста на владите за да се пронајдат начини за давање достоинствен прием на многу луѓе кои се молат за помош. Можат да се примат одреден број луѓе не занемарувајќи ја нивната интеграција и достоинствените услови за живот, Потребно е да се внимава на незаконската трговија и да се биде свесен дека прифаќањето не е лесно – заврши Папата.
Ватикан њуз/к.мк