На Генералната аудиенција, папата Лав XIV повторно го упати повикот за молитва на Бројаницата, потсетувајќи на повикот што го упати во Лурд да се молиме на Марија за мир во светот, особено во текот на месец октомври.
Марија, која традиционално ја повикуваме како „сигурно прибежиште среде тешкотиите во живото“, е извор на утеха за светот ранет од војни, рече папата Лав XIV во среда, 7 октомври 2026 година.
Говорејќи на Генералната аудиенција, Папата уште еднаш ги повика верниците да се обратат кон неа преку молитвата Бројаница. Повикот го упати во средата, кога Црквата го славеше литургискиот спомен на Пресвета Богородица на Светата Бројаница.
Од плоштадот „Свети Петар“, Папата го повтори повикот што го упати за време на неделната молитва „Ангел Господов“, а кој претходно го изнесе и една недела порано, на 27 септември, во Лурд.
Поздравувајќи ги верниците од португалското говорно подрачје, Папата се осврна и на друг богородичен литургиски спомен, Пресвета Богородица од Апаресида, заштитничка на Бразил, кој се чествува на 12 октомври. „На нејзиното мајчинско застапништво ве доверувам вас и вашите семејства. Нека Богородица секогаш бдее над вас“, рече папата Лав.
Обраќајќи им се на ходочесниците од кинеското говорно подрачје, тој ја посочи Марија како „прибежиште и сила во миговите на тешкотии и страдања“.
Месец на молитва
Во Франција, Папата ги повика верниците во текот на целиот октомври да ја молат Бројаницата „со посебна накана да престанат војните и да се воспостави мир меѓу народите во конфликт“.
Тој повика оваа молитва да се претвори и во конкретни дела, придружена со „конкретни дела на покора и милосрдие“ и со посветеност „секогаш да се промовираат дијалогот и помирувањето“.
„Дарувај ни мир!“
На првиот ден од овој месец, десетици молитви „Радувај се, Маријо“ се издигнаа од Ватиканските градини, носејќи го со себе повикот на Папата, изговорен во еден глас со повеќе од 700 деца: „Дарувај ни мир!“
Во изминатите денови им се придружија гласови од сите краишта на светот, молејќи се оружјето да замолкне.
Настанот беше организиран во рамките на иницијативата „Еден милион деца молат Бројаницата“, координирана од папската фондација „Помош на Црквата во неволја“ и вдахновена од зборовите на Падре Пио: „Ако еден милион деца заедно молат Бројаницата, светот ќе се промени.“
Ватикан њуз/к.мк

