Папата Лав XIV го започна апостолското патување во Франција

Папата Лав XIV го започна апостолското патување во Франција

Папата Лав XIV во петок утрото, 25 септември 2026 година, замина од Рим за Париз, со што го започна своето четиридневно апостолско патување во Франција.

Папата Лав XIV во петокот се качи на папскиот авион на аеродромот Фјумичино во Рим, придружуван од новинари и членови на својата делегација.

Авионот А321 на „ИТА Ервејс“ полета во 7:58 часот по римско време, а слетувањето на аеродромот Орли во Париз е предвидено во 10 часот.

Посетата на Папата на Франција го носи мотото „Да има живот во светот“.

Кардиналот државен секретар Пјетро Паролин објасни дека мотото ја нагласува вредноста на човечкиот живот, кој треба да биде „прифатен, сакан и згрижен од зачнувањето до природната смрт“.

Во изјава за „Ватикански вести“ пред посетата, кардиналот Паролин додаде дека мотото ја истакнува и важноста на духовниот живот во Франција, каде што секоја година голем број млади возрасни катехумени се подготвуваат да ја примат Светата Тајна Крштение.

Четиридневното апостолско патување на папата Лав XIV започнува во Париз, каде што Светиот Отец ќе се сретне со државните власти и ќе го посети седиштето на УНЕСКО, Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура.

Папата ќе се сретне и со свештенството и младите, ќе изрази близина со лицата на кои им помагаат црковните добротворни организации и ќе ги охрабри оние што се подготвуваат за Крштение и Миропомазание. Во програмата се предвидени и литургиски прослави.

Посета на Лурд

Во сабота Папата ќе отпатува во Лурд, каде што ќе се помоли во Пештерата на објавата, местото каде што Пресвета Богородица ѝ се јавила на света Бернадета Субиру.

За време на престојот во Лурд, тој ќе се сретне со француските епископи, ќе служи света Литургија, ќе се сретне со болни лица и ќе моли Света Бројаница.

Завршна етапа во Мец

Последниот ден од патувањето, во понеделник, папата Лав XIV ќе го помине во североисточниот француски град Мец.

Таму ќе учествува на меѓурелигиска средба, ќе се осврне на европските корени и на идејата за европско единство, а ќе служи и света Литургија.

По завршувањето на програмата во Мец, Папата во понеделник навечер ќе се врати во Рим.

Ватикан  њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот