Папата Лав XIV до дипломатскиот кор: Човековите права и слобода се загрозени, војната го загрозува глобалниот мир
Папата Лав XIV во петок, 9 јануари 2025, го предупреди дипломатскиот кор акредитиран во Светиот Престол за кризата на човековите права и слободи низ целиот свет и растечкиот ризик од вооружен конфликт. Во својот говор, тој нагласи дека правата како што се слободата на совеста, верската слобода и слободата на изразување често се кршат и дека војните и насилството ја загрозуваат стабилноста на глобалната заедница.
Папата Лав XIV нагласи дека многу земји страдаат од војна и насилство, каде што цивилите страдаат секојдневно, а основните човекови права се кршат. „Мирот не се гради со сила, туку со трпелива и континуирана работа. Војната уништува, а мирот бара напор“, рече Папата, повикувајќи ги посебно земјите со нуклеарни арсенали да ги обноват меѓународните договори, вклучително и Новиот договор СТАРТ. Ова е договор меѓу Соединетите Американски Држави и Русија што го ограничува стратешкото нуклеарно оружје и воспоставува контрола врз неговото распоредување; неговото продолжување, кое истекува во февруари 2026 година, е од суштинско значење за меѓународната безбедност и спречувањето на нуклеарна ескалација.
Папата апелираше за итен прекин на конфликтот во Украина, барајќи искрен дијалог и трајни решенија што ги штитат најранливите. Тој посебно се осврна на хуманитарната криза во Светата Земја, нагласувајќи го решението за две држави како единствен пат кон праведен и одржлив мир меѓу Израел и Палестинците.
Меѓу земјите на кои тој посвети посебно внимание беа Венецуела, Хаити, Судан, Мјанмар и регионот на Големите езера, со акцент на стабилноста, демократскиот поредок и заштитата на човековите права. За Венецуела, тој ја нагласи потребата од почитување на волјата на народот и унапредување на правата на сите граѓани со цел да се изгради стабилна и праведна иднина.
Светиот Отец предупреди на опасноста од таканаречените „нови права“ кои би можеле да ги прекршат основните човекови права ако го изгубат контактот со реалноста и вистината. Тој особено ја нагласи слободата на верата како фундаментално човеково право, кое во моментов е под закана во многу делови од светот, вклучувајќи ги Бангладеш, Сахел, Нигерија и Мозамбик, додека дискриминацијата е во пораст во Европа и Америка од идеолошки и политички причини.
Папата, исто така, ја спомена безбедноста на мигрантите, достоинството на затворениците, поддршката на семејствата и заштитата на животот од зачнувањето. Тој ги критикуваше абортусот, сурогат мајчинството и другите практики кои, како што рече, го нарушуваат човековото достоинство. Тој, исто така, предупреди на потребата од етичка употреба на вештачка интелигенција во воените технологии и спречување на глобална трка во вооружување.
Лав XIV повика на обнова на дијалогот и меѓународниот мултилатерализам, предупредувајќи дека војните и „ентузијазмот за војна“ го загрозуваат глобалниот ред и слободи. Нагласи дека јасната и прецизна употреба на зборови во комуникацијата и дипломатијата е од суштинско значење за дијалогот и почитувањето на човековите права.
На крајот, Папата испрати порака на надеж до дипломатскиот кор и ги повика сите да градат мир „со смирено срце“, потсетувајќи на примерот на Свети Фрањо од Асизи и неговата порака дека светот се смирува преку понизност, етички дијалог и грижа за другите.
Ватикан њуз/к.мк

