Ангел Господов: Адвент е време одново да научиме кој е нашиот Господ

Ангел Господов: Адвент е време одново да научиме кој е нашиот Господ

„Обратна“ перспектива: Евангелието за неделната Литургија ни го претставува Исуса во Кого е сета милост. Во своето неделно обраќање оваа недела, папата Фрањо зборуваше за збунетоста на Иван Крстител и истакна дека сомнежот не е во спротивност со верата, напротив, понекогаш е суштински за духовниот раст; ни помага да сфатиме дека Бог е секогаш поголем од она што го замислуваме

Евангелието од третата недела од Адвент, го опишува начинот на Исусовото делување: слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието. Во центарот на неговите зборови и неговите гестови е милоста, сочувството особено за последните. Вака Иван Крстител не го замислувал Месијата, а во затворот го обзема сомнеж и сака да знае: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг? Ова е клучно прашање, го изразува моментот на криза на Иван Крстител, што може да ни каже и нешто важно – рече папата Фрањо во својот пладневен говор во недела 11 декември 2022 година

Сомнежот како момент за духовен раст

Исуовиот Претеча замислувал строг Месија кој штом ќе дојде, ќе ја исполни правдата со моќна десница казнувајќи ги грешниците. Сега тој е збунет. Иван е во затвор, место не само на физичка темнина, каде што нема можност да се види јасно и далеку. Изненадени сме што тој, кој го крсти Исус, покажувајќи го на сите како Јагне Божјо, сега се сомнева – забележа Светиот Отец.

Но, тоа значи дека и најголемиот верник поминува низ тунелот на сомнежот. И тој не беше поштеден од тунелот на сомнеж, не, тоа не е лошо; напротив, понекогаш е многу неопходно за духовниот раст; ни помага да сфатиме дека Бог е секогаш поголем отколку што замислуваме; делата што ги прави се изненадувачки во однос на нашите мерила, неговите постапки се поинакви, секогаш ги надминува нашите потреби и нашите очекувања; и затоа никогаш не смееме да престанеме да го бараме и да му се обраќаме на неговото вистинско лице.

Да не го затвораме Бога во нашите шеми

И во сомнежот, Иван Крстител и понатаму го бара Исус, трудејќи се да разбере. Иван нè учи да не го затвораме Бога во нашите шеми – истакна Папата и рече дека и ние понекогаш може да се најдеме во неговата ситуација, неспособни да ја препознаеме новоста на Господ, мислејќи дека веќе знаеме сè за него.

Можеби го замислуваме како моќен Бог кој прави што сака, а не Бог на понизна кроткост, Бог на милоста и љубовта, кој секогаш интервенира почитувајќи ја нашата слобода и нашите одлуки. Можеби и ние сакаме да му кажеме: „Дали навистина си Ти, толку понизен, Бог кој доаѓа да нѐ спаси?“ (…) Нешто слично може да ни се случи и нам и на нашите браќа; ние имаме свои идеи, предрасуди и им препишуваме ригидни етикети на другите – особено оние за кои сметаме дека се различни.

Да се отвориме за да се восхитуваме на Детето Исус

Адвент е покана да се препознае Божјата величина во маленоста на Детето, е време на обратна перспективата.

Адвентот е време во кое, подготвувајќи ги јаслите за Детето Исус, одново учиме кој е нашиот Господ; време во кое е неопходно да се излезе од одредени шеми и предрасуди кон Бога и браќата; адвент е време кога наместо да размислуваме за подароци за нас, ќе можеме да им дадеме зборови и гестови на утеха на оние кои се ранети, како што направи Исус со слепите, глувите и сакатите.

На крајот, Римскиот бискуп ги охрабри сите да ѝ дозволат на Пресвета Богородица да не фати за рака додека се подготвуваме за Божиќ и поздравувајќи ги децата собрани на плоштадот Свети Петар, ним и на нивните семејства им го честиташе Божиќ. Воедно ги благослови и фигурите на Детето Исус што ги донесоа со себе, а ќе ги положат во божиќните јасли во нивните домови.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот