Папата Лав XIV го придружуваше во борбата со ракот. Сега повторно ќе се сретнат во Мадрид

Папата Лав XIV го придружуваше во борбата со ракот. Сега повторно ќе се сретнат во Мадрид

Откако ја победи тешката болест, еден шпански тинејџер се подготвува повторно да се сретне со Папата кој го придружувал во најтешките моменти од неговото лекување.

За време на Јубилејот на младите, кој се одржа во Рим од 28 јули до 3 август 2025 година, Вечниот град беше исполнет со незаборавни сцени: млади ходочесници пееја химни со гитари, се молеа во близина на фонтаните и снимаа видеа за да ја споделат својата вера на социјалните мрежи.

Меѓу илјадниците млади што поминаа низ Светата врата на базиликата „Свети Петар“ беше и Игнасио Гонзалес, 15-годишен Шпанец. Но за време на ходочестието, тој почнал да чувствува силна болка во градите. Итно бил пренесен во болницата „Бамбино Џезу“, каде што лекарите му дијагностицирале лимфобластен лимфом и голема маса во градниот кош.

Неговото семејство отпатувало во Рим со тешко срце. Првите 12 дена биле критични: срцето на Игнасио било исцрпено и во секој момент можело да дојде до срцев застој. Дваесет и четири часа откако лекарите ги отстраниле апаратите за одржување во живот, се појавила сериозна компликација, повреда на феморалната артерија и згрутчување на крвта.

„Тоа беа најтешките месеци во мојот живот и, во исто време, најубавите, бидејќи тоа беше моментот кога најмногу се приближив до Бога додека бев на крстот“, изјави Игнасио, кој сега е закрепнат.

Игнасио лично можел да му ја сподели веста за своето закрепнување на папата Лав XIV во вторник, 12 мај 2026 година, на влезот во папската резиденција во Кастел Гандолфо.

„Му ја кажав добрата вест дека сум излекуван и дека го очекувам во Мадрид, бидејќи само неколку дена по таа средба се враќав во Шпанија“, рече тој, радосен поради можноста за претстојната посета на Папата на Шпанија.

Во текот на целото искушение, Светиот Отец останал близок со семејството на Игнасио, чиј живот целосно се променил по дијагнозата.

Неколку дена откако Игнасио бил примен во болница, папата Лав XIV неочекувано пристигнал во неговата болничка соба, каде што родителите на Игнасио неуморно се молеле покрај неговиот кревет. Во тој момент Игнасио бил под седативи и интубиран, па не бил свесен за посетата. Сепак, Папата сакал да биде близу до него и до неговото семејство во она што ќе стане прва од трите средби меѓу нив.

Папата останал со семејството околу половина час, пред да ги посети и другите пациенти на онколошкиот оддел. Се молел со нив „Радувај се, Маријо“ и „Оче наш“, им дал благослов на сите и зборувал за Евангелието, вечниот живот и Божјата волја.

„Ние сме создадени за рајот“, им рекол тој.

Игнасио поминал девет месеци во болница. Во тој период двапати бил блиску до смртта.

Близината на Папата станала извор на утеха за семејството. Им помогнала да здивнат, да го насочат погледот кон небото и да Му се доверат на Бога. Кога папата Лав XIV дознал дека Игнасио е отпуштен од болница, направил место во својот распоред за да го прими семејството во Ватикан.

Игнасио отишол таму на 29 април со своите родители, Педро Пабло и Кармен Глорија, со својата сестра Адела и со еден семеен пријател.

За време на средбата, Папата прашал за здравствената состојба на Игнасио. Кратко потоа, тој влегол во друга просторија со младиот човек за приватен разговор. Самиот Игнасио го побарал тој момент на блискост, а Папата веднаш се согласил.

Низ целиот пат на страдање, семејството сведочи дека се чувствувало поткрепено од молитвата и од многуте луѓе кои се надевале на закрепнувањето на Игнасио: младите што се молеле со Папата, неокатехуменските заедници на кои им припаѓа семејството, манастири, роднини, пријатели, верници, но и луѓе што не се верници.

„Верата ми помогна да ја преживеам оваа болест на поинаков начин, на пример, принесувајќи ги своите страдања за нешто или за некого“, рече Игнасио. „Молитвата со мајка ми и татко ми додека бев во болница исто така многу ми помогна, не само во самата молитва, туку и во тоа да не се чувствувам осамен, бидејќи знаев дека многу луѓе се молат за мене.“

Игнасио рече дека Божјата љубов ја доживува секој ден.

„Го чувствував Бога близу, повеќе од близу, во секој детал и во секој дар за кој знам дека доаѓа од Него. Тој ми даде и сила да се борам со оваа болест“, рече тој. „Можев да Го видам во себе, но и во мајка ми.“

Помина речиси една година од тешките денови на хоспитализацијата на Игнасио и од првата посета на Папата. Денес, тоа поглавје е зад него. Сегашноста носи закрепнување, а иднината носи нова средба со Папата.

Таа средба ќе се случи за време на претстојната апостолска посета на папата Лав XIV на Шпанија. Во Мадрид, се очекува Светиот Отец да се сретне со најранливите и со младите, да служи Света Литургија, да се сретне со локалната Црква и да ѝ оддаде почит на Богородица од Алмудена.

И уште еднаш, тој ќе се сретне со Игнасио.

CNA/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот