Во Великиот пост и облеката зборува за Господ

Во Великиот пост и облеката зборува за Господ

Јас сум облека, убава, во едно парче исткаена, во еден мал дел од Јосифовата куќа, исткаена од нежните раце на Марија. За својот син бараше најубава, бараше место во кое ќе се сокријат малите честички на својата љубов. Ги набљудуваше овците на пасиштата, задоволно се смешкаше додека руното на нив растеше, го избираше најубавото и најмекото за својата облека. Додека го чистеше руното од мртвите влакна, во мислите и светкаа нејзините милостни моменти: како на изворот го сретнала ангелот, во куќата ја поздравил и радосната вест ѝ ја навестил. Иако не знаеше што Бог сака, подготвено му се поклонила и му се предаде на животот. А сликите се изменуваа: Јосиф, Елисавета, Захарија, малиот Иван, па Витлеем, пастирите, тројцата мудреци. Со болна гримаса на лицето, се сети на бегството во Египет и на онаа средба со стариот Симеон. Не знаеше што Бог од неа бара, но сето тоа во срцето го собираше. Сложувајќи ги коцките, дел по дел, својата историја ја ткаеше на таа убава облека. Знам Господи дека нѐ сакаш, но понекогаш е тешко тоа да се сфати, а уште потешко да се прифати.

Затоа мајката на својот мил син му ја подготви облеката. Го воспита чесно и убаво па нека биде и чист и уреден. Нека со своите зборови и дела сведочи за љубовта на сите оние кои грижливо го одгледале, чувале и му правеле добрини. Само ја мачи помислата на стариот Симеон. Колку ја весели, толку и мачи. Знам дека Тој е надежта на овој свет, но зошто маки, зошто болките се нагнуваат кон Него кога со целото срце сакам да го прегрнам.

Јас сум облеката, знак на грижливата мајка над својот мил син. Јас сведочам што значи да се љуби, знам што значи во бесоните ноќи да се бдее и работи, и со мир да се исполнат сите присутни. Јас знам како го успиваше со песна милото дете. Знам, иако не постоев, но мајката ткаејќи ме во едно парче со песна ме хранеше и со шепоти ме повиваше, како да е во мене, нова бела облека, сакаше да исткае триесет години милости во животот.

Се сеќавам како се насмевнуваше кога ме даруваше на Него. Се сеќавам како срцето му затреперуваше кога ме облекуваше. Тогаш и јас заблескував. Знаев дека сум убава, но својата убавина на Добриот му ја откривам.

Јас сум облека, убава, во едно парче исткаена. Бев присутна и кога гладните ги хранеше, жалосните ги тешеше, а на болните духот на животот им го враќаше. Мислев дека нема крај на мојата среќа. Беше среќен и Тој, но јас уште посреќна. Се чувствував уште посилно во тие мајчински здивови додека по Неговата мера ме кроеја.

Се почувствував вредна, корисна, за добро предодредена.

Сега сум тажна, сама, фрлена под дрвото на крстот, испрскана со крвта на мојот Господар. Го почувствував викот на Мајката под крстот и молитвата на предавање од Синот и Отецот. Сакаа да ме растргнат, но и ваква смачкана им се допаднав и фрлаа коцка за мене. Јас, плодот на љубовта сега станав плен на коцкари. Сега сум во нечија торба или како поклон или како воен плен. Како во некоја темница.

Меѓутоа, не ми е жал. Затоа што слушнав како оној војник вели дека мојот Господар од мртвите станал. Велат, му поверувал, се обратил и сега ме бара како сакана реликвија.

Само за крај уште еден цитат, иако не ми е потполно јасен, но сеедно со вас ќе го споделам: „Уште денес ќе бидеш со мене во рајот“ Можеби и со нас Бог, нашиот кројач, од нашите животи нешто убаво ќе скрои.

Фрањевци Сплит/к.мк

Категорија: Вера, Духовност
Ознаки облека, пост

За авторот