Папата Лав XIV: Ветровите на војната да не ја изгаснат надежта и дијалогот повторно да се врати
По молитвата Ангел Господов на Пјаца дела Либерта во Кастел Гандолфо, папата Лав XIV се осврна на обновените тензии на Блискиот Исток и на војната во Украина, повикувајќи на враќање кон дијалогот и дипломатските решенија. По повод „Недела на морето“, тој ја изрази и својата близина со морнарите, рибарите и пристанишните работници, чии работни услови дополнително се отежнати од воените тензии. На крајот, Папата потсети и на традиционалното маријанско ходочестие на полските верници во Јасна Гора.
Во првата недела од својот летен престој во Кастел Гандолфо, по молитвата Ангел Господов пред Апостолската палата на Пјаца дела Либерта, папата Лав XIV се осврна на многуте делови од светот погодени од вооружени конфликти, каде што цивилите продолжуваат да ги трпат најтешките последици.
Папата посебно се осврна на Блискиот Исток, каде што тензиите повторно се зголемија по ослабените надежи за договор меѓу САД и Иран, како и на кризата во Либан. Тој изрази загриженост и поради војната меѓу Русија и Украина, обележана со интензивни напади во последните денови врз Харков, Днепар, Киев и Одеса.
„За жал, ветровите на војната повторно дуваат на Блискиот Исток, во Украина и во многу други делови од светот, сеејќи насилство, терор и смрт, и повторно погодувајќи многу невини луѓе.“
Римскиот епископ ги охрабри луѓето да не губат надеж и повика на враќање на дијалогот и преговорите како единствен пат што може да донесе трајно помирување меѓу народите.
„Да не дозволиме овие ветрови да го изгаснат пламенот на надежта и мирот, дури и кога тој изгледа кревок и треперлив. Ја обновувам мојата надеж дека ќе истраеме по патот на дијалогот, средбата и дипломатијата. Тоа е единствениот пат способен да доведе до праведен и траен мир, во кој народите можат да живеат во помирување, меѓусебна безбедност и почитување на достоинството на секој човек.“
Молитва за морнарите
На денот кога Католичката црква ги повикува верниците да се молат за сите што живеат и работат на море, традиционално одбележуван во втората недела од јули како „Недела на морето“, Папата потсети на важноста на секторот што поддржува околу 90 проценти од светската трговија.
Тој изрази загриженост за влијанието на војната врз и онака тешките работни услови со кои се соочуваат морнарите и сите што работат поврзани со морскиот транспорт.
„Денес е Недела на морето. Моите мисли се со сите морнари, рибари и пристанишни работници низ целиот свет, кои, иако се обележани со одвоеност од своите најблиски, а понекогаш и со страв поради конфликтите што се случуваат на море, со својот трпелив и тивок труд ја одржуваат трговијата и животот на многу народи.“
На крајот, папата Лав XIV потсети и маријанското ходочестие во Ченстохова, еден од најзначајните изрази на верата во Полска и во цела Европа. Секоја година, стотици илјади ходочесници патуваат до светилиштето во манастирот Јасна Гора, за да ја почитуваат познатата икона на Богородица од Ченстохова, позната како Црната Мадона.
„На крајот, се молам за бројните полски верници собрани на годишното ходочестие со иконата на Јасна Гора, за да бидат, како мисионерски ученици, радосни сведоци на Евангелието.“
Ватикан њуз/к.мк

