Околу 100 претставници од светот на велосипедизмот од различни земји ќе се пристигна во Ватикан на 23 ноември на средба со папата Лав XIV, а на крајот од средбата Меѓународната велосипедска унија ќе донира велосипеди за Каритас Рим.
Во понеделник, 23 ноември, папата Лав XIV во Ватикан ќе се сретне со претставници од светот на велосипедизмот, во рамките на настан организиран од Дикастеријата за култура и образование во соработка со Меѓународната велосипедска унија.
На средбата ќе присуствуваат околу сто истакнати гости, меѓу кои легендарни имиња и актуелни шампиони во машкиот и женскиот велосипедизам, како и во паравелосипедизмот. Ќе присуствуваат и претставници на различни велосипедски федерации, организаторите на трите големи машки и женски велосипедски трки, Тур де Франс, Џиро д’Италија и Вуелта а Еспања, како и организатори на натпревари од сите континенти.
Меѓу поранешните и актуелните велосипедисти кои се очекува да присуствуваат е Еди Меркс од Белгија, петкратен победник на Тур де Франс, петкратен победник на Џиро д’Италија, победник на Вуелта а Еспања и трикратен светски шампион во друмски велосипедизам.
На средбата ќе биде и Грег Лемонд од Соединетите Американски Држави, двократен светски шампион и првиот Американец што победил на Тур де Франс, трка која ја освоил трипати.
Меѓу гостите се и Кристофер Фрум од Велика Британија, победник на сите три големи велосипедски трки, како и 20-годишниот француски велосипедист Пол Сејас, кој се смета за еден од најперспективните таленти во светскиот велосипедизам.
Велосипедизмот како пат кон мирот
Во пресрет на средбата, претседателот на Меѓународната велосипедска унија, Давид Лапартиен, потсети на долгогодишните историски врски меѓу велосипедизмот и Католичката црква.
Тие се протегаат од велосипедските настани организирани од парохиските заедници и екипите инспирирани од евангелските вредности, до бројните папски аудиенции и неодамнешното минување на Џиро д’Италија низ Ватикан во 2025 година.
Лапартиен истакна дека овогодишната средба претставува можност дополнително да се зацврсти посветеноста на велосипедизмот како спорт во промовирањето на мирот и меѓукултурниот дијалог меѓу народите.
Кардиналот Жозе Толентино де Мендонса, префект на Дикастеријата за култура и образование, потсети дека средбата се надоврзува на пораката на папата Лав XIV за спортот, претставена во писмото „Живот во изобилие“.
Кардиналот нагласи дека велосипедизмот денес е дел од културниот идентитет на современото општество и претставува важен извор на вредности во служба на човештвото.
На крајот од аудиенцијата ќе се одржи кратка церемонија на која Меѓународната велосипедска унија симболично ќе донира велосипеди за млади во ранливи животни ситуации, кои се прифатени и поддржани од Каритас на Римската бискупија.
Иницијативата е организирана од „Атлетика Ватикана“, ватиканското спортско здружение кое е и член на Меѓународната велосипедска унија.
Ватикан њуз/к.мк

