Папата Лав XIV објави порака по повод 12. Светски ден против трговијата со луѓе и ја потврди посветеноста на Католичката црква да се соочи со ова „тешко злосторство против човештвото“ и да придонесе за негово искоренување.
Во пресрет на 12. Светски ден на молитва и свесност против трговијата со луѓе, папата Лав XIV ја осуди напаста на современото ропство, кое во нашите онлајн општества добива сè позагрижувачки облици.
Во пораката за Светскиот ден, што се одбележува во недела, на 8 февруари, Папата го обнови „итниот повик“ на Црквата да се соочи со овој тежок вид зло и да придонесе за негов крај, нарекувајќи го „сериозно злосторство против човештвото“.
Тој се задржа на поздравот на Воскреснатиот Христос: „Мир вам“, нагласувајќи дека тие зборови нудат „пат кон обновено човештво“.
„Вистинскиот мир започнува со признавањето и заштитата на достоинството на секој човек, дадено од Бога“, рече тој. „Сепак, во време обележано со растечко насилство, многумина се искушувани мирот да го бараат преку оружје, како услов за наметнување на сопствената доминација.“
Папата изрази жал што луѓето често се сметаат за „колатерална штета“ во војна, принесени како жртва за политички или економски интереси.
Папата Лав рече дека истото непочитување на човечкиот живот ја поттикнува и трговијата со луѓе, бидејќи вооружените судири и геополитичката нестабилност создаваат можности трговците да ги злоупотребуваат луѓето кои се во движење.
„Во рамките на оваа нарушена парадигма, жените и децата се најпогодени од оваа страшна трговија“, истакна тој.
Потоа Папата укажа и на порастот на „сајбер ропството“, при кое луѓето се намамуваат во онлајн шеми и во криминални активности, како шверц на дрога и измами.
„Жртвата се присилува да ја преземе улогата на сторител, со што се продлабочуваат нејзините духовни рани“, истакнува Папата. „Овие облици на насилство не се изолирани појави, туку симптоми на култура што заборавила да љуби како што Христос љуби.“
Соочени со таква болка и со општествени предизвици, христијаните треба да се свртат кон молитва и кон развивање свесност, рече папата Лав.
Молитвата, нагласи тој, е „мал пламен“ што ни дава сила да се спротивставиме на неправдата и рамнодушноста, а свесноста ни помага да ги препознаеме и да ги надминеме системите на експлоатација во заедниците и во дигиталните простори.
„На крајот, насилството на трговијата со луѓе може да се надмине само преку обновен поглед што го гледа секој човек како возљубено Божјо дете“, рече тој.
Папата Лав XIV изрази благодарност до многуте луѓе и мрежи што работат за да им помогнат на жртвите на трговијата со луѓе, меѓу кои има и лица што самите ја преживеале оваа напаст.
На крајот, Папата го довери Светскиот ден на молитва и свесност против трговијата со луѓе на застапништвото на света Јосифина Бахита, за чиј живот рече дека е „моќно сведоштво на надеж во Господ, кој ја возљуби до крај“.
„Да се придружиме сите на патот кон свет во кој мирот не е само отсуство на војна, туку е ‘невооружен и разоружувачки’, втемелен во полно почитување на достоинството на сите.“
Ватикан њуз/к.мк

