Папата Лав повика на прекин на огнот во Газа за време на телефонски разговор со израелскиот премиер Нетанјаху

Папата Лав повика на прекин на огнот во Газа за време на телефонски разговор со израелскиот премиер Нетанјаху

По нападот врз Католичката црква „Свето Семејство“ во Газа, папата Лав XIV и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараа телефонски, при што Светиот Отец повторно ја истакна итната потреба од заштита на светите места и постигнување прекин на огнот.

Среде актуелните немири во Светата Земја, папата Лав XIV и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараа телефонски во петок, 18 јули 2025 година.

Светиот Отец повторно го упати својот апел за обновување на преговорите и воспоставување прекин на огнот во Газа, според соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

„Утрово, Светиот Отец Лав XIV прими телефонски повик во резиденцијата во Кастел Гандолфо од Неговата Екселенција г. Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел, по вчерашниот воен напад извршен од израелската војска, кој ја погоди Црквата „Свето Семејство“ во Газа, при што загинаа три лица, а неколку други беа повредени, дел од нив тешко“, стои во соопштението.

„За време на разговорот,“ се додава, „Светиот Отец повторно го упати својот апел за обновување на преговорите, воспоставување прекин на огнот и ставање крај на војната.“

Понатаму, се наведува дека папата Лав „повторно ја изрази својата загриженост за драматичната хуманитарна состојба на населението во Газа, чија болна цена особено ја плаќаат децата, старите лица и болните“.

„Конечно,“ се заклучува во соопштението, „Светиот Отец ја повтори итната потреба за заштита на светите места и, пред сè, на верниците и на сите луѓе во Палестина и Израел.“

Црквата „Свето Семејство“, единствената католичка црква во Газа, беше погодена од израелска страна во четвртокот наутро, при што загинаа три лица, а десетмина беа повредени, меѓу кои и парохот, отец Габриел Романели.

Во своето соопштение, Латинскиот Патријархат од Ерусалим ги повика лидерите „да ги подигнат своите гласови и да сторат сè што е неопходно за да се запре оваа трагедија, која е човечки и морално неоправдана“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот