Папата Лав XIV го отвори Вонредниот конзисториум и ги повика кардиналите да му помогнат да го разбере делувањето на Светиот Дух во Црквата денес, преку нивната јасна поддршка и совет.
„Ми треба вашата слобода, вашата искреност и вашата лојалност. Искрениот совет е секогаш знак на заедништво.“
Со овие зборови папата Лав XIV во петок, 26 јуни 2026 година, го отвори Вонредниот конзисториум на кардиналите и им се обрати на своите браќа кардинали.
Конзисториумот, кој се одржува во салата „Павле VI“, ќе трае до сабота навечер и им нуди на кардиналите можност заедно со Папата да размислуваат за животот и мисијата на Црквата.
Светиот Отец ја повтори својата желба, изразена уште во јануари, овие средби да им помогнат на кардиналите и на Папата подобро да научат како да „работат заедно во служба на Црквата“ и да понудат „разговор што ми помага во службата на мисијата и на целата Црква“.
Заедништвото, рече Папата, никогаш не се постигнува еднаш засекогаш, туку бара секојдневно преобраќање, молитва, односи исполнети со доверба и подготвеност за меѓусебно слушање.
Папата Лав ги потсети кардиналите на своите повици од изминатите месеци за градење заедништво во Црквата преку синодалност, при што секој член соработува во нејзината мисија според сопствената харизма и служба.
Потоа се осврна на четирите теми на кои кардиналите ќе се посветат во текот на овие два дена.
Најнапред, тие ќе размислуваат за светот во кој Црквата е повикана да го проповеда Евангелието. Таквото согледување на состојбата, рече Папата, ќе им помогне да Го препознаат Исус, Кој оди по улиците на светот и нè претекнува во историјата.
Потоа, кардиналите ќе ги разгледаат последиците од културата на силата и повикот за цивилизација на љубовта.
Папата истакна дека многумина од нив доаѓаат од земји обележани со војна, но потсети дека никој не е недопрен од многуте облици на конфликт, доминација и поделби што се провлекуваат низ општествата насекаде.
Тој ги повика кардиналите да ја земат неговата енциклика Magnifica humanitas како клуч за разбирање на своите локални цркви.
Во третата сесија, кардиналите ќе размислуваат за тоа каков придонес може да даде Црквата за општото добро на човештвото.
„Социјалното учење на Црквата нè потсетува дека општото добро не се појавува само од себе, туку бара споделена одговорност“, рече Папата. „За Црквата, тоа добива многу конкретен облик, синодален стил во служба на мисијата на Царството.“
Во четвртата сесија, кардиналите ќе размислуваат за понатамошното спроведување на Синодата за синодалност.
Папата Лав рече дека оваа последна сесија ќе ги опфати размислувањата од претходните три, гледани низ призмата на синодалноста како став, отвореност и подготвеност за разбирање.
Папата ги повика кардиналите погледот да го насочат кон светот и да постават едно главно прашање.
„Како можеме денес да им помогнеме на нашите цркви да го проповедаат Евангелието со поголема верност, слобода и уверливост?“
Мисијата, истакна тој, не е една од многуте задачи на Црквата, туку причината за нејзиното постоење. Таа бара од кардиналите заедничко слушање, преземање одговорност и распознавање на дејствувањето на Светиот Дух.
Папата Лав XIV го заврши своето воведно обраќање пред Вонредниот конзисториум со благодарност до кардиналите за нивната помош.
„Сметам на вас да ми помогнете да разберам што Духот ѝ кажува на Црквата денес. Ми треба вашата поддршка, силна, јасна и јавна“, рече тој. „Треба да чувствувам дека ме поддржувате како браќа.“
Ватикан њуз/к.мк

