Второ пастирско писмо на монс. Стојанов во Годината на молитва

Второ пастирско писмо на монс. Стојанов во Годината на молитва

Со Марија низ најубавиот месец – Мај

Драги браќа и сестри, ќе се согласиме дека месец мај со право се нарекува најубавиот месец. Литургиски тоа е Велигденско време, време кога Црквата одекнува со радосното навестување на Христовото воскресение и победата над смртта. Во раната црква шесте недели по Воскресението биле период на интензивно воведување во таинството на Црквата, зашто во времето на катекуменатот (време на подготовката на возрасните за крштевање) некои вистини на верата не се толкувале, бидејќи отците биле уверени дека некрстен човек без дарот на верата не може да разбере вистини како што е на пример Евхаристијата. Затоа по крштевањето, односно времето по Велигден катекумените секојдневно доаѓале во заедницата за да бидат воведени во таинството на верата и во христијанскиот живот.

Ние кои во месецот мај ја славиме и ја обожаваме Блажена Дева Марија, ве повикувам како новокрстените во раната црква и ние да влеземе во училиштето за воведување во молитвата. Тоа училиште би го сместил во домот на Марија од Назарет и во салата на Последната вечера. Ова е месец во кој се состануваме на мајска набожност. Да ја претвориме во „духовно школување со Марија“ кај Марија Мајката Исусова.

Да отидеме најпрво во Назарет. Да ја набљудуваме скромната куќа на Марија од Назарет. Да ја видиме таму невината и побожна Девица од Назарет која со блажена насмевка секој ден го слуша Божјиот глас. Наутро таа прашува што да прави, а навечер дали добро направила. Изгледа како девојка која е нурната во некој друг свет, иако е сета присутна во овој свет. Потоа одиме во домот на Јосиф. Таму ја гледаме сосредоточена, предана и активна во служењето на својот Син кој е Бог и човек и на Јосиф глава на светото Семејство. На што нè учи молитвениот живот во Назарет?

Прво – дека молитвата е радосна ако сме смирени. Молитвата не може да биде дружење со Бога доколку сме расеани. Марија е учителка на молчелива смиреност.

Второ – Марија е слушателка на Божјото слово. И нашата молитва ќе биде најплодна доколку најпрво допуштиме Бог да ни го каже и да ни го открие тоа што Тој има да ни каже. Тоа негово Слово е запишано во Новиот завет, затоа во текот на денот би требало да најдеме барем неколку минути за читање на Божјото слово. Во едно бројно семејство го доживеав следното: иако децата одеа на училиште тие се организирале секој ден да напишат по некоја убава реченица од Новиот Завет и да ја стават во украсен сад. На излегување од дома секој од нив извлекува парче хартија со цитат од Новиот Завет и се обидува тој ден да живее со таа порака. Останав изненаден и со детската фантазија и со домашните кои од ден на ден така го запознаваат Светото Писмо. Каков прекрасен мај!

Овој пример е само поттик и ние да забележиме дека и Марија во семејниот дом со Исус и Јосиф ги живеела евангелските вредности на служењето. Ако нашата молитва не нè доведе до тоа дека тоа што го молиме и го веруваме не го спроведуваме тогаш молитвата не може да ни биде успешна. Имено во Назарет научивме смиреност, послушност на Божјото слово и служење на Бога и на човекот во светлината на Божјото слово.

А што учиме во салата на Последната вечера? Во Делата на Апостолите е опишана првата деветница во историјата на Црквата. По Христовото вознесение, апостолите собрани околу Марија во салата на Последната вечера се во постојана и смирена молитва во очекување на Светиот Дух. Овој месец кога според можностите се собираме на мајска набожност во црковните храмови или во своите домови да се обидеме да го доживееме како заедничка молитва, Бог нам да ни го подари Светиот Дух, зашто Светиот Дух, како што вели свети Павле, е молител во нас. Тој вели: ние не знаеме што и како да молиме, но Светиот Дух во нас извикува: Авва Оче. Браќа и сестри суштински елемент на христијанската молитва е молитвата до Светиот Дух. Свети Иван апостол вели: Не можеме да кажеме ниту дека Христос е Господ, а камоли нешто друго ако не сме во Духот. Основата на христијанската молитва ја учиме од Марија, таа е исполнета со Светиот Дух, која зачна според Светиот Дух, имаше сила да го носи искушението на Голгота и беше прва која ги собра апостолите заедно да ја очекуваат објавата на Светиот Дух. Ако сега знаеме дека Црквата е жива доколку го има Светиот Дух како своја душа, тогаш знаеме зошто секоја молитва треба да биде упатена до Отецот преку Синот до Светиот Дух.

На крајот, посакувам овој месец, месец мај, на посебен начин да го доживеете во училиштето за молитва заедно со Марија и нека таа секогаш ве застапува пред својот Син – Исус Христос – и ви биде на помош во секој миг на вашиот живот.

Со поздрав и благослов

Ваш бискуп/владика

+ Киро Стојанов

За авторот