По повод денот на ООН папата Фрањо објави порака на Твитер

По повод денот на ООН папата Фрањо објави порака на Твитер

По повод Денот на Обединетите нации, Светиот Отец во пораката која ја објави на Твитер, на 24 октомври 2017 година, порача: „Да работиме заедно за да промовираме мир меѓу народите и да загарантираме почитување на човековите права.

Папата Фрањо за двете прашања се осврна во својата овогодишна порака по повод Конференцијата на ООН за забрана на нуклеарно вооружување, како и во своето обраќање на Генералното собрание на ООН, на 25 септември 2015 година.

Папата во својата порака, која ја испрати до учесниците на спомнатата конференција која се одржа од 27 до 31 март, истакна дека мирот мора да се гради на праведноста, на целосниот човеков развој, почитувањето на основните човекови права, заштитата на создаденото, учеството на сите во јавниот живот, довербата меѓу народите, поддршката на миротворните институции, пристапот до образованието и здравствената нега, како и дијалогот и солидарноста. Меѓународната заедница е повикана да усвои стратегии кои се насочени кон иднината за да промовира мир и стабилност, и да се избегнат кратковидни пристапи до проблемите кои се однесуваат на националната и меѓународната безбедност.

Во својот говор, пак до Генералното собрание на ООН, потсети на значителните и позитивните постигнувања, како што се кодификацијата и развојот на меѓународното право, Повелбата за човековите права, усовршувањето на хуманитарното право, решавањето на многу конфликти, мировните операции и многу други работи на меѓународен план. Светиот Отец рече дека секое постигнување – дали политичко, правно или техничко – претставува конкретен чекор кон идеалот за општо братство на сите луѓе и средство за негово целосно остварување.

(…)Потсети и на тоа дека праведноста, според својата класична дефиниција, во себе содржи постојана и трајна волја; праведноста е постојана и трајна волја да се даде секому неговото право. Во самиот поим за праведност исто така е вградено ограничувањето на моќта, односно ниту еден поединец и ниту една група не можат да се сметаат за семоќни и овластени да газат по достоинството и правата на другите луѓе или општествени групи.

Покрај тоа, Папата предупреди дека иако денес на светската сцена можеме да видиме бројни лажни права, истовремено големи се подрачјата без никаква заштита, а станува збор пред сè за луѓе кои се жртви на злоупотребата на моќта. Потребно е нивните права да се зацврстат и да се поддржат, притоа зајакнувајќи ја заштитата на животната средина и ставајќи крај на секој облик на исклучување – рече меѓу останатото Светиот Отец.

Обединетите нации се меѓународна организација основана заради зачувување на светскиот мир и безбедност, решавање на економските, општествените и политичките проблеми со меѓународна соработка и промовирање на почитувањето на човековите права. Седиштето на ООН се наоѓа во Њујорк, додека регионални канцеларии има во Женева, Виена и Најроби. Основани се на 24 октомври 1945 година, бидејќи Повелбата на ООН ја ратификувале поголемиот дел од 51 држава учесничка на основачкиот состанок во Сан Франциско, кој се одржал од април до јуни 1945 година. Повлебата на ООН е меѓународен договор со уставен карактер со кој се основани и врз основа на кој делува ООН. Во него се истакнати целите на ООН, критериумите за членство, обемот и функционирањето на телата и органите на ООН, како и други прашања.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот