Поздравувајќи ја Папската швајцарска гарда по повод положувањето на заклетвата на новите регрути, папата Лав XIV им изрази благодарност за нивната заштита уште од првиот ден на неговиот понтификат и ги повика да ја негуваат својата вера и пријателство со Господ, независно од тоа што ќе им донесе животот.
„Од самиот почеток на мојот понтификат, драги швајцарски гардисти, можев да сметам на вашата верна служба, исполнета со голема посветеност и ревност.“
Со овие зборови Папата Лав XIV во петокот им се обрати на припадниците на Папската швајцарска гарда во Ватикан, по повод традиционалната свеченост на положување заклетва на новите регрути, изразувајќи „срдечна благодарност“ за нивната верснот и преданост.
„Наследникот на светиот апостол Петар,“ истакна тој, „ја врши својата мисија во служба на Црквата и светот со сигурност дека вие се грижите за неговата безбедност.“
Вредности на верата
Папата ги охрабри да останат верни на Евангелието и на темелните вредности на христијанската вера, кои, нагласи тој, „ви даваат идентитет на крстени верници сигурни во своите избори“.
„Секој од вас,“ продолжи тој, „може да биде пример за другите преку своите зборови и однесување, преку милосрдноста и верата. Така можете да бидете знак на единство за целата Римска курија.“
Негување на внатрешниот живот и односот со Господ
Светиот Отец укажа дека градот Рим, со своето духовно и културно богатство, нуди незаборавно патување низ историјата, „кое ја открива не само уметноста, туку пред сè христијанската вера, засведочена од најраните Христови следбеници, од кои многумина поднесоа и маченичка смрт.“
„Искористете ја оваа можност,“ рече тој, „за да го развиете вашиот внатрешен живот, во динамиката на нашето време, и да го продлабочите односот со Господ.“
Обраќајќи им се на новите регрути, Папата посочи дека со денешната заклетва тие започнуваат ново поглавје во својот живот.
„Ве повикувам да ја живеете оваа мисија со убедување, влегувајќи во Христовото училиште, во дух на скромност и послушност,“ рече тој.
Верност на Евангелието и христијанската вера
Папата истакна дека многумина од нив еден ден ќе се вратат во својата татковина по завршувањето на службата во Светиот Престол и ќе имаат пред себе бројни можности. Некои ќе продолжат со студии, ќе влезат во професионалниот живот, ќе патуваат или можеби ќе го откријат повикот за свештенство.
Која и да е нивната одлука, Папата ги потсети дека искуството во Римската курија ќе им помогне „со доверба и со универзален христијански поглед да се соочат со идните промени.“
Зрелост и надеж
Светиот Отец посочи на предизвиците на нивната генерација: еколошките прашања, економските промени, социјалните тензии, дигиталната револуција, вештачката интелигенција и други сложени реалности „што бараат проникливост и одговорност.“
„Вашиот престој во Рим,“ додаде тој, „може да ви помогне да развиете подлабока зрелост и во овие области од општествениот живот.“
Папата ги повика да бидат сведоци на надежта, верни на Евангелието и поттикнати од верата во Господ.
„Во оваа Света Година, нека вашето едноставно сведоштво,“ заврши папата Лав, „ви даде сила да бидете мисионери на надежта за луѓето што ќе ги сретнете. Нека пламенот на надежта го осветлува вашиот пат и ви дарува храброст за смели чекори и заеднички придонес за цивилизација на љубовта.“
Ватикан њуз/к.мк