Патот на мудреците до Витлеем не бил тежок затоа што бил долг, туку затоа што морале да ги променат своите очекувања: очекувале цар, а нашле „само“ дете – рече папата Фрањо на светата Литургија во базиликата Свети Петар на 6 јануари 2017 година по повод празникот Богојавление.
Патот на мудреците до Витлеем не бил тежок затоа што бил долг, туку затоа што морале да ги променат своите очекувања: очекувале цар, а нашле „само“ дете; но затоа што биле отворени за ново и имале копнеж (за Бог) биле способни во тоа мало дете да ја препознаат величественоста и славата Божја – порача папата Фрањо на светата Литургија во базиликата Свети Петар на 6 јануари 2017 година, по повод празникот Богојавление. Во својата проповед Светиот Отец го изложи денешното Евангелие кое ни ги опишува мудреците на патот кон новородениот Цар.
„Мудреците не тргнале на пат затоа што ја виделе ѕвездата, туку ја виделе ѕвездата затоа што веќе биле на пат“ го цитираше Папата свети Иван Златоуст и продолжи: „Нивните срца биле отворени за хоризонтот и можеле да видат што им покажува небото, биле водени од внатрешениот немир. Биле отворени за нешто ново. Мудреците така ги претставуваат сите оние кои веруваат, кои чувствуваат копнеж за Бог, кои се жедни за својот дом, за својата небесна татковина. Тие ги претставуваат сите оние кои не дозволиле срцето да им се вкочани.“
„Тоа важи и денес за сите луѓе кои знаат дека Евангелието не е нешто што се случило во минатото, туку се случува сега. Светиот копнеж ни помага да бидеме внимателни на секој обид за намалување и осиромашување на нашиот живот. Тоа е сеќавање на верата против толку пророци на пропаста. Тој копнеж ја одржува во живот надежта во заедницата на верниците која од недела до недела продолжува да моли: Дојди Господи Исусе – рече Светиот Отец.
Папата потсети дека ова не е само став на мудреците и наброи цел спектар на библиски ликови кои се со ист став: старецот Симеон; загубениот син: пастирот кој ги остава 99-те овци за да ја пронајде едната загубена; Марија Магдалена на воскресното утро. „Копнежот за Бог нѐ извлекува од нашата тешка изолација, заради која мислиме дека ништо не може да се промени. Копнежот за Бог го разбива нашиот мрачен конформизам и нѐ присилува да направиме промени кои ги сакаме и треба да ги направиме. Копнежот за Бог има свои корени во минатото, но не останува таму: тој допира до иднината“ – рече Папата.
Светиот Отец истакна дека ставот на Ирод е целосно поинаков: тој се наоѓа недалеку од Витлеем, но не сфаќа што се случува. Спие под седативи со умртвена совест, но потоа се збунува и го фаќа страв. „Станува збор за збунетост која – кога ќе се соочи со новост која од корен го менува светот – се затвора во себе и своите заклучоци, знаења и успеси. Тоа е збунетост на човек кој седи на своето богатство, а притоа не е во состојба да види понатаму од тоа. Тоа е збунетост која се вселила во срцата на оние кои сакаат да управуваат со сите и сѐ. Збунетост на оние потопени во културата на победување по секоја цена. Ирод сигурноста пред таа збунетост и страв ја пронаоѓа во „злосторството“, рече Папата.
Иако мудреците во Јудеја дошле од далеку за нив подолг бил патот од царската палата на Ирод до шталата, каде oчекувале дека ќе се роди царот. Тој новороден цар кој го барале не бил таков кој заробува или понижува. Требало да откријат еден нов цар: „Да сфатат дека Божјиот поглед подигнува, простува и лекува. Да се сфати дека Бог сака да се роди на место каде тоа најмалку го очекуваме или сакаме, на место каде толку често го одбиваме. Да се сфати дека во Божјите очи има секогаш место за оние кои се ранети, изморени, злоупотребувани и напуштени; дека на неговата сила и моќ името им е милосрдие. Колку само за некои Ерусалим е одалечен од Витлеем“ – рече Светиот Отец.
Ирод не бил во состојба да се поклони на новородениот Цар затоа што самиот сакал да биде обожаван. Ниту свештениците не можеле да му се поклонат иако поседувале огромно знаење и ги познавале пророштвата. Само мудреците го искусиле копнежот „тие повеќе не сакале вообичаени работи.“ Биле изморени од Иродот на своите денови и го следеле ветувањето на нешто ново. „Мудреците биле способни да се поклонат затоа што имале храброст да појдат на пат и да се поклонат пред тоа мало, сиромашно и ранливо Дете. И додека биле на колена пред тоа необично и непознато витлеемско Дете ја откриле славата и величественоста Божја“ – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк