Папата: Конфликтот се решава со дијалог и почит кон ближниот

Тензиите и конфликтите се надминуваат со дијалог и почит кон ближните. Тоа го истакна папата Фрањо, одговарајќи на прашањата на учесниците на светската средба на Младинското Евхаристиско движење, што се одржува во Рим по повод 100 годишнината од неговото основање.

Папата ги повика 1.500 млади луѓе од 38 национални делегации – придружени од генералниот поглавар на отците Исусовци, отец Адолфо Николас, и генералниот раководител на Движењето, отец Фредерик Форнос – да имаат вера во Христос, кој го дарува „вистинскиот мир“.

Светиот Отец ги охрабри младите да не се плашат од тензиите кои се неизбежни. Општество и семејство без тензии се слични на „гробишта“; само во Рајот нема тензии, истакна Папата, кој им даде три совети на младите:

„Прво: не плашете се од тензиите, бидејќи тие ни помагаат да растеме. Второ: решавајте ги овие тензии со дијалог, бидејќи тој обединува, како во семејството, така и меѓу пријателите. Преку дијалогот се наоѓа заеднички пат, без да се губи сопствениот идентитет. Трето: не се приврзувајте премногу кон напнатоста, бидејќи тоа ќе ви предизвика зло“.

Папата ги повика младите да гледаат на конфликтите од една друга димензија, повикувајќи се на реалноста на Индонезија, каде што „постои голема културна разновидност“:

„Да се земе во предвид дека конфликтот треба да биде насочен кон единството. Општество, како индонезиското кое поседува култура составена од различни култури, треба да се стреми кон единството, но почитувајќи ги секој идентитет“.

Папата се задржа и на малцинствата, кои во некој делови на светот не се почитуваат, како што се мигрантите од бирманската етничка група Рохинџа, отфрлени од различни азиски земји:

„Ова е еден нерешен конфликт, војна; ова се нарекува насилство, убиство. Точно е: ако јас сум во конфликт со тебе и те убијам, конфликтот ќе заврши. Но, тоа не е начинот. Ако многубројни идентитети – културни, религиозни итн. – живеат заедно во една држава, неизбежно ќе има конфликти, но само со респект кон идентитетот на другиот се решава конфликтот“.

Папата Фрањо додаде дека вистинските социјални и културни конфликти се решаваат со дијалог, но пред тоа, со почит кон идентитетот на другиот“. Тоа, за жал, констатира тој, „не се случува со христијанското малцинство на Блискиот Исток“:

„Верските малцинства, христијаните … не само што не се почитуваат, туку се убивани и прогонувани. Зошто? Бидејќи не се почитува нивниот идентитет. Во нашата историја секогаш имало конфликти врз основа на верскиот идентитет со цел да не го почитуваат идентитетот на другиот. „Овој не е католик, не верува во Исус Христос. Почитувај го, најди го доброто во него. Барај ги вредностите во религијата на другите и нивната култура. Почитувај ги! На овој начин, со почитта кон идентитетот на другите, се решаваат конфликтите“.

На прашање на бразилска девојка, папата Фрањо се задржа на предизвиците на својата мисија како богопосветен: „За мене предизвикот е да го најдам мирот во Господ, оној мир кој само Исус може да го дарува“. Оттука и повикот на Папата да се разликува меѓу мирот на Христос и оној на ѓаволот“, кој секогаш успева да нѐ измами“:

„Вистинскиот мир доаѓа секогаш од Исус. Понекогаш, тој ни се презентира во форма на крст. Но Исус е оној кој го дарува мирот во тоа искушение. Секогаш е во форма на крст, но секогаш вистинскиот мир доаѓа од Исус. Другиот мир е површен, тој е од „непријателот“, од ѓаволот“.

Младите – продолжи папата Фрањо – се „знаци на радост и надеж за Црквата денес“; оние млади кои „не се пензионери“, туку веруваат дека „Исус е во Евхаристијата, дека љубовта е посилна од омразата, дека мирот е посилен од војната, дека почитта е посилна од судирот дека хармонијата е посилна од тензиите“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот