Исус помага да не станеме жртви на разочарувањето и обесхрабрувањето поради поразите
Најголемото чудо кое Исус го направи на Симон и другите разочарани и уморни рибари, не е толку мрежата полна со риба, туку што им помогна да не станат жртви на разочарувањето и обесхрабрувањето пред поразите – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов во недела 10 февруари 2019 година, осврнувајќи се на литургиското читање (Лука 5,1-11), кое зборува за повикот на свети Петар. Неговото име било Симон и бил рибар. Исус го видел на брегот од Генисаретското Езеро, додека ги плавеле мрежите заедно со другите рибари – рече Папата и додаде: Виде дека е уморен и разочаран, затоа што таа ноќ ништо не уловиле.
Исус го изненади со неочекуван гест. Премина во неговиот кораб и го замоли да се оддалечи малку од брегот, затоа што од таму сакал да им зборува на луѓето – рече Светиот Отец и продолжи: Така Исус седна во коработ на Симон и го почуваше насобраното мноштво, кое беше на брегот. Но неговите зборови внесоа повторно доверба во срцето на Симон. Значи, Исус со уште еден изненадувачки потег му рече: „Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!” (Лука 5,4). Симон одговорил со забелешка: „Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме….”
Како искусен рибар можел да каже: Ако ништо не уловивме ноќта, денески уште помалку можеме да уловиме – рече Папата и додаде: Меѓутоа, вдахновен од Исусовата присутност и просветлен од неговото слово, ќе каже: „…но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата” (Лука 5,5). Тоа е одговор на вера, на која сме повикани да ја даваме; тоа е став на подготвеност и отвореност која Господ ја бара од сите свои ученици, а пред сѐ од оние кои имаат одговорност во Црквата. Петровата послушност полна со доверба донесува провиден плод: „И штом го направија тоа, тие уловија голема количина риба, та дури и мрежата им се скина“ (Лука 5,6).
Станува збор за чудесен лов, знак за силата на Исусовите зборови – рече Папата и додаде: Кога великодушно ќе се ставиме во негова служба, Тој во нас прави големи работи. Така прави со секој од нас. Бара да го примиме во коработ на својот живот како повторно би кренале со Него и да пловиме во ново море кое е полно со изненадувања. Неговиот повик да излеземе на отворено море на човештвото од нашето време и да бидеме сведоци на добрината и милосрдието, дава ново значење на нашиот живот, кој често се свртува на самиот себе.
Понекогаш можеме да останеме изненадени и да се двоумиме за повикот кој ни го упатува божествениот Учител и да бидеме во искушение да го одбиеме поради несоодветноста – рече Светиот Отец и истакна: Па и Петар после тој неверојатен улов му вели на Исус: „Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!“ (Лука 5,8). Но го кажа тоа на колена пред Ооној кој веќе го призна за „Господ“. Исус го охрабри велејќи му: „Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!” Лука 5,10). Ако се надеваме на Бог, тој нѐ ослободува од нашите гревови и отвора нов видик за соработка во своето послание.
Најголемото чудо кое Исус го направи на Симон и другите разочарани и уморни рибари, не е толку мрежата полна со риба, туку што им помогна да не станат жртва на разочарување и обесхрабрување од поразот – рече папата Фрањо и истакна: Им помогна да се отворат како би станале навестители и сведоци на Неговото слово и Царството Божјо. А одговорот на учениците бил брз и потполн: „Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сè и тргнаа по Него (Лука 5,11). Блажена Девица Марија, пример за подготвено прифаќање на Божјата волја, нека ни помогне да го почувствуваме привлечноста на Господовиот повик и нека нѐ направи подготвени за соработка со Него како насекаде би го ширеле Неговото слово за спасение – рече на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк