Папата Лав XIV испрати почетна итна донација за епархиите во Колумбија погодени од земјотресот со магнитуда од 7,4 степени.
Папата Лав XIV ја изрази својата солидарност со народот на Колумбија, погоден од силниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што го погоди западниот дел на земјата.
Својата близина ја изрази и за време на Генералната аудиенција во среда, 12 август 2026 година, кога повторно упати сочувство и молитви за жртвите, спасувачите и целиот колумбиски народ.
Солидарноста на Папата доби и конкретна форма преку почетен итен финансиски прилог, испратен преку Дикастеријата за служба на милосрдието. Средствата се наменети за епархиите погодени од земјотресот и се резултат на разговорите меѓу префектот на Дикастеријата, надбискупот Луис Марин де Сан Мартин, Апостолската нунцијатура и локалната бискупска конференција.
Апелот на Папата
Додека екипите на Цивилната заштита и другите служби за итна помош пребаруваа низ урнатините на срушени згради и цркви и додека се објавуваа првичните проценки за бројот на жртви, Папата испрати телеграма во која изрази тага и солидарност со целата земја.
Во среда, за време на Генералната аудиенција, Папата повторно ја изрази својата „солидарност“ со „нашите браќа и сестри во Колумбија, кои ги претрпеа последиците од неодамнешниот земјотрес, кој предизвика многу смртни случаи и повреди, како и голема материјална штета“.
Молејќи Го Господ „за вечен покој на починатите“, папата Лав XIV ги увери присутните и во своите молитви за жртвите и нивните семејства, како и за „сите оние што се мобилизираа во операциите за спасување и помош“.
Итна помош
Како што направи и за Венецуела, која исто така беше погодена од силен земјотрес во јуни, Папата веднаш испрати почетен финансиски прилог за Колумбија како конкретен знак на солидарност во ова време на вонредна состојба.
Сумата од 100.000 евра беше испратена директно до Националниот секретаријат за социјална пасторална грижа, Каритас Колумбија, кој служи како централен координативен центар на Црквата за собирање и распределба на помош.
Организацијата ќе се погрижи помошта да стигне до епархиите погодени од земјотресот.
Износот беше договорен со примателите и претставува првичен придонес наменет за најитните потреби. Понатамошна конкретна помош ќе следи откако потребите ќе бидат утврдени и навремено доставени до Дикастеријата.
Милосрдието и „Божјото семејство“
Дијалогот започнат во првите часови по катастрофата продолжува меѓу апостолскиот милостинар, надбискупот Луис Марин де Сан Мартин, и претседателот на Колумбиската бискупска конференција, кардиналот Франциско Хавиер Мунера Кореа, кој го информираше за состојбата во погодените области.
Во меѓувреме, на иницијатива на Дикастеријата за служба на милосрдието, се подготвува извештај за проценка на најитните потреби.
„Црквата е Божјо семејство“, рече префектот, „Црква е внимателна кон страдањето и потребите и одговара со братство и ефикасност“.
Ватикан њуз/к.мк

