Папата: Искористувањето на жената е грев против Бог

Папата: Искористувањето на жената е грев против Бог

Папата Фрањо во својата проповедта на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта во Ватикан размислуваше за тоа како се искористуваат денешните жени, кои се користат како да се предмети, напоменувајќи притоа дека мажите без жените не можат да бидат образ и подобие Божји.

Да молиме за отфрлените жени, за експлоатираните жени, за девојките кои мора да го продаваат своето достоинство за да имаат работно место – повика папата Фрањо за време на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта, на 15 јуни 2018 година, во Ватикан. Во фокусот на размислувањето на Папата беше денешниот дел од Евангелието според Матеј во кој Исус ги предупредува своите ученици дека „секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое,“ а исто така зборува дека „секој што ќе ја остави својата жена, тој ја тера да прељубодејствува;“

Исус ја менува историјата

Светиот Отец ги потсети присутните верници дека жените се она што им недостасува на сите мажи, за да бидат образ и подобие Божјо. Објасни дека Исусовите зборови биле силни и радикални и ја промениле историјата затоа што сѐ до тогаш жената се сметала од втора класа, роб, дури и не уживала целосна слобода.

Исусовата наука за жената ја менува историјата. Погледот на жената пред Исус е едно, а после Исус нешто друго. Исус ја облагородува жената и ја поставува на исто ниво како и мажот затоа што го зема првиот збор на Создателот: двајцата се создадени на образ и подобие Божјо. И мажот без жената без разлика дали е мајка, сестра, сопруга, соработничка на работа, пријателка, не е слика Божја – истакна папата Фрањо.

Жената како предмет на страст

Размислувајќи на посебен начин за денешниот евангелски дел во кој станува збор за „гледањето на жената со желба“, Папата се пожали дека во медиумите можат да се видат жените како предмет на страст, објект за да се искористи. За да се продаде одреден производ жената се претвора само во објект, таа е понижена, без облека. И не е потребно да се оди на далечно место за да видиме нешто такво затоа што тоа се случува насекаде околу нас, во канцелариите, во компаниите. Жените се жртви на тој менталитет „земи и фрли“ и кон нив дури повеќе не се постапува како со личност.

Тоа е грев против Бог создателот, отфрлањето на жените, затоа што без нив ние мажите не можеме да бидеме образ и подобие Божјо. Постои бес и огорченост против жената, зол бес – рече папата Фрањо и продолжи: Но колку пати младите жени треба да се продадат како објект кои ќе се земе и фрли за да добијат работно место? Колку пати? – праша Светиот Отец додавајќи дека тоа не се случува во далечни земји, туку во Рим.

Да погледнеме околу себе за да го воочиме искористувањето на жените

Преминувајќи потоа на проблемот со сексуалното искористување на жените, Папата ги запраша присутните што би виделе доколу ноќта посетат одредени места во градот каде многу жени, вклучувајќи и мигрантки се искористуваат како на пазар. Напомена дека мажите им пристапуваат на тие жени не за да им кажат „добра вечер“, туку за да ги прашат „колку е цената?“ А оние кои си ја перат својата совест ги нарекуваат проститутки. Папата Фрањо рече дека тие ги направиле проститутки, како што Исус вели: секој што ќе ја остави својата жена, тој ја тера да прељубодејствува, затоа што не постапува добро кон жената и таа завршува така, искористена и често како роб.

Сето тоа се случува овде во Рим, и се случува во секој град – продолжи Светиот Отец – анонимни жени, жени кажи речи „без поглед“ затоа што срамот го прекрива нивниот поглед, жени кои не знаат да се смеат и многу од нив не ја познаваат радоста на доењето (на сопственото дете) и да им се каже „мама“. Меѓутоа и во секојдневниот живот и да не одиме на тие места присутен е тој грд начин на размислување, отфрлање на жените или погледот на жените како да е објект од „втора класа.“ Треба подлабоко да размислуваме за тоа. И правејќи или зборувајќи за тоа, влегувајќи во тој начин на размислување ја презираме сликата на Бог кој ги создал мажот и жената на својот образ и подобие – рече Папата.

Исус со нежност на жената ѝ го враќа достоинството

Исус имал мајка, имал голем број пријателки кои го следеле за да му помогнат во неговото послание, и да го поддржуваат. И пронашол толку презрени, маргинализирани и отфрлени жени кои ги подигнал со многу нежност, враќајќи им го достоинство – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот