Папата им порача на медиумите да ја „глобализираат“ солидарноста, а не рамнодушноста

Папата им порача на медиумите да ја „глобализираат“ солидарноста, а не рамнодушноста

Примајќи ги во аудиенција вработените од една католичка италијанска ТВ емисија, папата Фрањо ја изрази својата благодарност за нивната постојана посветеност за ширењето на евангелската порака и ги охрабри да продолжат светлата на рефлекторите да ги насочуваат кон приказните и реалностите од периферијата

Честитајќи им на оние кои пред дваесет и шест години го избраа името за италијанската ТВ емисија: На Негова слика (A Sua Immagine), Светиот Отец им порача на уредниците и другите вработени никогаш да не престанат да ја пренесуваат пораката за достоинството и светоста на животот својствени за секое човечко суштество.

Емисијата, која е заеднички проект на Италијанската државна телевизија и Италијанската бискупска конференција, нуди верска содржина, општествено-политички карактеристики и католичка перспектива за актуелните настани. Таа, исто така, нуди телевизиски преноси од настани со Папата, вклучувајќи ја неделната молитва Ангел Господов и Царице небесна, како и Апостолските посети на Папата.

Секој човек е создаден според Божјиот образ

Во сабота 4 март 2023 година, на приватната аудиенција во Ватикан Папата им порача на присутните: Никогаш не смееме да заборавиме дека секој човек е создаден според Божјиот образ и тоа никогаш повеќе не смее да престане да не маѓепсува.

Во секое човечко суштество, Бог на единствен начин ја запали искрата на Неговата светлина. Овие зборови, додаде тој, не смеат да се користат од навика или да станат зборови што се губат во ветрот, мора да се запазат и да се соопштуваат, посебно во време на промени како што е ова сега.

Во таа слика лежи потеклото и основата на човечкото достоинство; потеклото и основата на нашето битие, сите ние сме браќа и сестри, бидејќи сме деца на еден Отец, Господ, сакани и создадени според неговиот лик, им порача Папата на присутните.

Осветлување на запоставените проблеми и ситуации

Емисијата го прави тоа посебно со давање глас на најслабите и оние кои страдаат; тоа го прави зборувајќи за оние кои го живеат Евангелието на географските и егзистенцијалните периферии на Италија и светот. Отворате прозорци за ситуации и места кои често бегаат од радарот на јавното мислење.

Светиот Отец истакна дека емисијата фрла светлина врз многумина кои го сведочат Евангелието преку нивните животни искуства и служење и нѐ потсетува дека има млади луѓе способни да застанат и да се жртвуваат за другите .

Ве охрабрувам да продолжите по овој пат: има потреба од глобализација на солидарноста, а не на рамнодушноста.

Папата Фрањо го заврши своето обраќање посочувајќи дека навестувањето на Евангелието значи со својот живот да се посведочи дека постои Бог на милосрдието кој нè чека и кој ни претходи, кој нè сака и нè љуби.

Со вашата посветена работа можете во оваа смисла многу да придонесете, рече Папата, заблагодарувајќи им се на присутните што ги пренесуваат апелите што ги упатува секоја недела по молитвата Ангел Господов или Царице неебсна, кога го свртува вниманието на браќата и сестрите во услови на големи и актуелни тешкотии во светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот