Предводејќи ја завршната света Литургија во Јаунде, со која ја заокружи својата посета на Камерун, папата Лав XIV ги охрабри верниците да истраат во Христовиот мир, кој секогаш е со нив и им помага во немирите и искушенијата на животот.
Предводејќи ја завршната света Литургија во Камерун, папата Лав XIV изрази голема благодарност за гостопримството што го доби и за миговите на радост и вера што ги доживеа заедно со верниот народ.
Околу двесте илјади луѓе се собраа на свечената прослава, а многумина кампуваа уште претходната ноќ. Стотици илјади други ја следеа светата Литургија од просторот околу местото на одржување. Со оваа прослава се заокружи четиридневната посета на Папата на Камерун, пред неговото заминување за Ангола, следната станица од неговото пасторално патување низ Африка.
Во својата проповед, изговорена на француски јазик, Светиот Отец се осврна на евангелското четиво, потсетувајќи како учениците на Исус се соочиле со силни ветрови додека пловеле по Тиверијадското Езеро, исполнети со страв и сомнеж. Папата нагласи дека и Црквата низ вековите минувала низ многу бури и силни ветрови, исто како што и секој човек минува низ свои животни искушенија. Понекогаш неволјите можат да нè оттурнат во страв и беспомошност, но христијанинот секогаш треба да помни дека Исус е со него, посилен од секоја сила на злото.
Папата истакна дека сознанието оти Господ никогаш не нè напушта ни дава сила повторно да се исправиме по секој пад и да не дозволиме бурите во животот да нè запрат. „Секогаш да одиме напред со храброст и доверба“, повика тој. Верата, рече Папата, не нè ослободува од немирите и од неволјите, но ни дава сигурност дека Исус е со нас. Тој не ја отстранува веднаш секоја бура, туку доаѓа среде опасноста и нè повикува да останеме со Него во истиот чамец, и во радостите и во тешкотиите.
Продолжувајќи ја својата мисла, Светиот Отец потсети дека, како што Христос е блиску до нас, така и ние сме повикани да бидеме блиску до оние што се исплашени и страдаат. Никој не смее да биде оставен сам пред неволјите во животот. Затоа, секоја заедница треба да негува заемна поддршка и помош, особено во време на кризи, без разлика дали се општествени, политички, здравствени или економски. Секој, според своите можности и според потребите на другиот, може да дава и да прима помош.
Осврнувајќи се на Христовите зборови „Не плаши се“, Папата рече дека тие се упатени до секого лично, но и до целата заедница. Тие даваат сила да се соочиме со сиромаштијата, неправдата и другите општествени предизвици со чувство на заедничка одговорност. Според неговите зборови, верата не ги раздвојува духовното и општественото, туку му дава сила на христијанинот да одговори на потребите на луѓето, особено на најслабите.
Светиот Отец потсети и на искуството на првите ученици, кои се соочувале со сериозни предизвици во споделувањето на верата и во животот на заедницата. Наместо да дозволат кризите да ги поделат, тие се собирале, разговарале, се молеле и барале начин како најдобро да ја споделат Радосната вест и да им помогнат на страдалниците, особено на вдовиците и на сираците. Слушајќи го гласот на Светиот Дух и обрнувајќи внимание на плачот на страдалниците, тие успеале моментите на тешкотија да ги претворат во прилика за раст и зацврстување на заедницата.
На крајот од проповедта, папата Лав XIV се збогува со присутните, потсетувајќи дека секој ќе се врати во своето секојдневие, а Црквата ќе продолжи по својот пат кон конечната цел, потпомогната од Божјата милост и од посветеноста на секој верник. Тој ги повика сите со благодарност да ги чуваат во срцето убавите мигови што ги доживеале заедно и, среде секојдневните тешкотии, секогаш да му отвораат простор на Исус, за Тој да ги просветлува и обновува.
„Црквата во Камерун е жива, млада и благословена со многубројни дарови и со силен ентузијазам, богата во својата разновидност и величествена во својата хармонија“, рече Папата. Со помош на Дева Марија, нашата Мајка, нека тоа радосно присуство и понатаму расте и цвета. А силните ветрови, кои никогаш не изостануваат во животот, нека станат повод за раст во радосната служба на Бога и на браќата и сестрите, преку споделување, слушање, молитва и желба за заедничко изградување.
Ватикан њуз/к.мк

