Папата Фрањо: Бенедиктe, твојата радост нека биде потполна

Папата Фрањо: Бенедиктe, твојата радост нека биде потполна

На погребот на почесниот Папа, кој го предводеше папата Фрањо, мноштво луѓе го исполнија плоштадот Свети Петар. Едноставна церемонија во молитвена атмосфера, со одмерен аплауз по пристигнувањето на ковчегот во поворката, на кој беше поставено отвореното Евангелие. Евангелието на кое, како што рече Папата во својата проповед, Рацингер го сведочеше во текот на целиот негов живот. „Да го довериме нашиот брат во рацете на Отецот“

Како црковна заедница, (…) сакаме да го довериме нашиот брат во рацете на Отецот: тие милостиви раце нека најдат во неговата светилка како гори маслото на Евангелието што го ширеше и сведочеше за време на неговиот живот.

Ова го истакна папата Фрањо за време на погребниот обред на плоштадот Свети Петар, во четврток 5 јануари 2023 година, каде во поворка во 8.45 часот беше донесен ковчегот со телото на почесниот Папа. Сликата на дрвениот ковчег на кој беше положено Словото Божјо веднаш нè потсетува на погребот на Иван Павле II, со кој претседаваше Joзеф Рацингер, тогаш кардинал.

Околу 130 кардинали, 400 бискупи и околу 3.700 свештеници се собраа на погребната света Миса. Папата Фрањо ја започна проповедта со последните зборови на Исус на крстот: „Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!” и се фокусираше на ликот на Христос, токму како што целиот живот на Јозеф Рацингер беше насочен кон Христос сѐ до последните денови.

Пастир кој го сака стадото

„Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!” Тоа се раце на простување и сочувство, исцелување и милосрдие, раце на помазание и благослов – рече Папата. Тоа се прободените раце кои се пружаат и никогаш не престануваат да се пружат, за да ја запознаеме љубовта што Бог ја има кон нас и да веруваме во неа. Светиот Отец зборуваше за благодарната посветеност за служење на Господа и на неговиот народ, која произлегува од прифаќањето на потполно бесплатниот дар, и за молитвената посветеност што се обликува и тивко се прочистува меѓу искушенијата и противречностите со кои мора да се соочи пастирот и доверниот повик да го паси своето стадо.

Како Учителот, тој го носи на своите плеќи товарот на посредувањето и напорот за помазание на својот народ, посебно во ситуации кога доброто мора да се бори за да надвладее и кога е загрозено достоинството на нашите браќа и сестри.

Болен, но постојан мир

Господ дава дух на кроткост кој е способен да разбере, прифати, да се надева и да стави сè на коцка, без разлика на недоразбирањата што тоа би можело да ги предизвика – истакна папата Фрањо. Да го пасиш стадото значи да сакаш, а да сакаш значи и да си подготвен да страдаш. Тоа е посветеност поткрепена со утехата на Духот, плодно сведоштво на оние кои, како Марија, на многу начини остануваат во подножјето на крстот, во тој болен, но непоколеблив мир кој ниту напаѓа ниту поробува.

Сведок на Евангелието

Цврсто врзани за последните зборови Господови и за сведоштвото што го одбележа неговиот живот, ние како црковна заедница сакаме да ги следиме неговите стапки и да го довериме нашиот брат во рацете на Отецот: тие милостиви раце нека најдат во неговата светилка како гори маслото на Евангелието што го ширеше и сведочеше за време на неговиот живот – рече Светиот Отец. Потоа го цитираше Григориј Велики кој, на крајот од Пасторалното правило, повика и охрабри еден пријател да му даде духовна придружба: „Среде бурите на мојот живот, ме теши уверувањето дека ти, со силата на твоите молитви ќе ме одржиш на површината, и дека, ако бремето на моите гревови ме собори и понижи, ќе ми помогнеш со своите заслуги да се подигнам“.

Тоа е пастирската свесност дека не може сам да го носи она, што всушност никогаш не би можел да го поднесе, па затоа знае да се препорача во молитвите и грижите на народот кој му е доверен.

„Бенедикт, верен пријател на Свршеникот“

Божјиот верен народ е тој што, собран, го следи и го доверува животот на оној што бил нивен пастир. Како жените на гробот за кои читаме во Евангелието, ние сме тука со мирисот на благодарност и помазанието на надеж да му покажеме уште еднаш љубов која не престанува; сакаме да го направиме тоа со истото помазание, мудрост, чувствителност и посветеност што тој изобилно ги даваше низ годините – рече папата Фрањо и додаде – Сакаме заедно да кажеме: „Оче, во твои раце го доверуваме неговиот дух“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот