Папата: Има многу светци и во секојдневниот живот

По молитвата Ангел Господов во недела 1 ноември 2015 годиина Светиот Отец изрази голема загриженост заради настаните кои последните денови се случија во Централноафриканската Република упатувајќи апел до конфликтните страни кругот на насилтво да се запре.

На денешното славење на празникот Сите светии, особено јасно се чувствува настанот на заедништвото на светиите, нашето големо Семејство составено од сите членови на Црквата без разлика дали оние кои сè уште се ходочасници на земјата или она неброено мноштво кое веќе ја напушти земјата и се наоѓаат во Небото – рече Светиот Отец пред молитвата Ангел Господов од прозорецот на Апостолската палата.

Во Книгата на откровението ја наоѓаме главната карактеристика на светците: тие се луѓе кои „целосно припаѓаат на Бог“. Книгата ги претставува како непрегледно мноштво на избраните облечени во бело и обележани со печатот Божји. Со сликовит алегориски јазик и споменот на печатот Божји на посебен начин се нагласува како светците припаѓаат на Бог на целосен и ексклузивен начин; тие се негова „сопственост“. Но, што значи да се носи Божјиот печат во сопствениот живот и личност? Тоа ни го објаснува апостол Иван: значи во Исус Христос да станеме навистина „деца Божји“ – рече Папата.

Дали сме свесни за овој голем дар? Дали се сеќаваме дека на Крштението сме го примиле печатот на нашиот небесен Отец и сме станале негови деца? Овде се наоѓа коренот на повикот за светост! И светците на кои денес си спомнуваме се токму оние кои живееле во милостите на своето крштение; кои својот печат го сочувале живеејќи како синови Божји, барајќи да го наследуваат Исус; и сега ја постигнале својата цел, бидејќи најпосле го „видоа Бог каков што е“ – истакна Светиот Отец.

Втора карактеристика на на светците е таа што тие се примери за наследување. Не само оние канонизираните, туку и светците така да кажам „од блиската врата“ кои станале свети со милоста Божја со личните напори во практикувањето на Евангелието во својот секојдневен живот. Тие светци сме ги сретнале и ние; можеби некои од нив сме ги имале во семејството или меѓу пријателите и познаниците. Затоа им должиме благодарност, а посебно ја должиме на Бог кој ни ги дарувал; кој ни ги ставил во близина како живи и заразни примери, како да се живее и умре во верноста на Господ Исус и Неговото Евангелие.

Да се наследуваат нивните дела на љубовта и милосрдието е малку како да ги имаш присутни во овој свет. Всушност тие евангелски дела единствено се отпорни на уништувачката сила на смртта: чинот на нежност, великодушна помош, времето поминато во слушање, посета, убав збор, насмевка… Во нашите очи овие дела можат да изгледат безначајни, но во очите Божји се вечни, бидејќи љубовта и сочувството се посилни од смртта – поттикна папата Фрањо.

Дева Марија, Царица на сите светци нека ни помогне уште повеќе да се довериме на Божјата милост за да одиме по патот на светоста. На нашата Мајка да ја довериме нашата секојдневна посветеност и да ја молиме и за нашите драги покојни со надеж дека еден ден сите заедно повторно ќе се сретнеме во славното заедништво во Небото – рече Светиот Отец.

По молитвата Ангел Господов Светиот Отец изрази голема загриженост заради настаните кои последните денови се случија во Централноафриканската Република упатувајќи апел до конфликтните страни кругот на насилтво да се запре. Потоа ја изрази својата духовна близина оците комбонијанци во парохијата Богородица Фатимска кои згрижиле многу луѓе.

За да ја покаже молитвената близина на целата Црква на овој толку тешко погоден и измачен народ и да ги охрабри сите централноафриканци уште повеќе да бидат сведоци на милосрдието и помирувањето во недела на 29 ноември имам намера да ја отворам Светата врата на катедралата во Банги за време на апостолската посета на тој народ – рече папата Фрањо.

Осврнувајќи се на вчерашната беатификација на блажена мајка Тереза Касини осонователка на сестрите на Пресветото Срце Исусово го пофали нејзиниот пример за конкретна посветеност за свештениците и ги повика верниците на благодарност до Бог за нејзиното сведоштво. Поздравувајќи ги по својот обичај ходочасниците од Италија и светот, Светиот Отец го најави своето попладневно заминување на главните римски гробишта Кампо Верано каде што ќе слави света Литургија за покојните.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот