Папата: Излези од себе и од сигурноста

Папата: Излези од себе и од сигурноста

На средбата со помошните епископи, свештеници, монаси монахињи и лаице одржана во римската базилика Свети Иван Латерански, Папата им даде три конкретни совети: секојдневно читање на Евангелието, молитва и милосрдни дела.

На 14 мај 2018 година папата Фрањо во базиликата Свети Иван Латерански се сретна со претставници на Римската бискупија, со помошните епископи, со свештениците, монасите и монахињите и со стотина лаици ангажирани во парохиските заедници и во други црковни реалности. Папата го заврши патот до римските парохии слушајќи го извештајот односно резимето за сите напори кои се вложуваат во навестувањето на Евангелието.

Болестите на Црквата во Рим

Она што произлезе од извештајот и она што загрижува е сѐ поголемото и уште повеќе претерано внимание кон сопственото „јас“; потоа недостатокот на заедништво меѓу христијаните, со различните црковни реалности кои меѓусебно не разговараат; потоа претераниот занес, премногу пасторални иницијативи кои не остваат време за размислување; недостаток на луѓе кои поучуваат како да се моли, како и сиромашни кои се дел од заедницата, како субјекти кои евангелизираат.

Само Господ може да излекува

Одговарајќи на прашање кое му го постави надбискупот Анџело Де Донатис Папски викар за Римската бискупија, Папата најпрво се задржа на зборот „корен“ затоа што тоа е крајната цел која треба да оздрави и да предложи пат. Не треба да мислиме дека можеме да оздравиме сами. Потребно е некој кој ќе ми помогне, а прв во тоа е Господ – истакна Папата. Потоа треба да бараме утеха во оној кој има харизма за духовна придружба, а тоа не треба да биде исклучиво свештеник, туку може да биде и лаик. Треба да читаме нешто што ќе ни помогне да гледаме напред. Треба да разговараме со Исус, со ближниот, со Црквата – рече папата Фрањо додавајќи дека тоа е првиот чекор. Но притоа секогаш треба да гледаме напред.

Народната побожност имунитет на Црквата

Одговорајќи на прашање за индивидуализмот кој го изолира црковното тело, Папата предупреди на гледањето на себе, на привлечноста на новостите кои меѓутоа оддалечуваат од срцето, од вистинскиот центар. Зборуваше и за потребата од враќање во реалноста, за гностицизмот во Црквата и за потребното истакнување на народните побожности затоа што – како што рече – заедницата, духовноста на заедницата нѐ оздравува.

Хармонијата на Светиот Дух – највредната помош

Папата се осврна и на времето кое ги исцрпува сите активности во парохијата, и рече дека најголемиот недостаток е хармонијата. Треба да се запрашаме дали ја има во нашите заедници и во епископското семејство. Притоа истакна дека Светиот Дух е одговорен за хармонијата, кој не е статичен; хармонијата – според зборовите на Папата – не е некој поредок, туку динамизам, одење.

За да ја пронајдеме таа хармонија, Папата даде три конкретни совети. Првиот е Христос, Евангелието во рака. Треба да се навикнеме на читање на еден дел од Евангелието секој ден. Така подобро ќе го запознаеме Христос. Вториот е молитвата. Ако го читаш Евангелието веднаш добиваш волја да му кажеш нешто на Господ, да молиш, да разговараш со Него. И третиот милосрдните дела. Мислам дека со тие три работи исчезнува непријатноста и напротив одиме кон хармонија која е голема. Но секогаш треба да молиме за благодатта на хармонија во сопствениот живот, во заедницата и во бискупијата – рече Папата.

Млади кои ги бараат корените

Последното прашање се однесуваше на младите. Каква помош бараат младите? – прашаа римските пароси. Одговарајќи Папата го спомна искуството на средбата пред синодата, на која е составен – како што рече – прекрасен, силен и интересен документ, и ја истакна опасноста од отуѓување, оддалечување од реалноста. Ги истакна нивните тешкотии во човечките контакти и нивната постојана поврзаност со мобилниот телефон.

Мораме да им помогнеме на младите да се спуштат во реалниот свет. Да ја допрат реалноста – рече Папата и истакна дека тоа треба да се направи не уништувајќи ги добрите работи кои ги поседува виртуелниот свет затоа што и тие можат да послужат. Милосрдните дела – според зборовите на Папата – можат да помогнат на младите за да бидат конкретни, да ги пронајдат своите корени преку дијалогот со старите луѓе.

Вистина за повторно чекорење

Во својот однапред подготвен говор Папата пак го пофали растот во вистината, иако напомена исто така дека оттука доаѓа обесхрабрувањето и фрустрацијата, но најмногу и свеста дека Господ не престанал да биде милосрден кон нас. На тој пат Он нѐ просветлува, ни дава поддршка, и во одредена смисла покренува нов пат на заедништво меѓу нас, а сето тоа го прави со цел за да можеме повторно да го започнеме нашето одење следејќи го Него – рече Светиот Отец.

Нов сојуз

Ние сме „ненарод“ повикан на нов сојуз, треба да се запрашаме кој е денес фараонот кој нѐ создава робови на друга моќ и грижа, како ропството кое нѐ направи неплодни. Треба да се посвети доволно време признавајќи ги понизно своите слабости и споделувајќи ги со другите да можеме да го почувствуваме и искусиме тој факт дека постои дарот на милосрдието и полнотата на животот за нас и за сите оние кои жиеат во Рим – рече Папата и додаде: Тој дар е добрата волја на Отецот кон нас, кон нас поединците и како кон народ.

Излези од себе и од сигурноста

Можеби сме се затвориле во себе и во својот парохиски свет затоа што всушност сме ја занемариле реалноста или сериозно не сме го сфатиле животот на луѓето кои ни се доверени – рече папата Фрањо осврнувајќи се на општото сфаќање кое се чувствува во римските парохии. Напротив Господ се покажува овоплотувајќи се овде и сега, односно и во ова време кое е толку тешко да се објасни во овој контекст кој е толку слоевит и наизглед далеку од Него – истакна Папата и додаде: Затоа треба да излеземе од своите сигурности, од своите групи, од своите мали припадности кои се покажале затворени за целокупниот живот.

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот