Желбите кои го уништуваат човекот и желбите кои се семето за новиот живот.
Постојат зли желби кои го уништуваат човекот, но постојат и свети желби кои Светиот Дух ги става во нашето срце и тие се семето за новиот живот – рече папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција која се одржа во Ватикан на 28 ноември 2018 година, завршувајќи го со денешната катехезата патот низ Десетте Божји заповеди. Прашањето за желбата е клучното прашање во ова катехеза која ни овозможува повторно да го преминеме патот кој сме го поминале и да ги сумираме неговите етапи читајќи го текстот за Десетте Божји заповеди секогаш во светлото на целосната објава на Христос – рече Папата.
Во серијата катехези тргнавме од благодарноста како темел на односите на довербата и послушноста – рече Светиот Отец и продолжи: Видовме дека Бог не бара ништо порано, пред да даде многу повеќе. Нè повикува на послушност за да нè откупи од заблудите на идолопоклонството кое има голема моќ над нас. Имено, да го бараме своето остварување во идолите на овој свет нè прави празни и робови, но она што ни дава да растеме и да бидеме доследни е односот со Бог кој е во Христос, кој нè прави деца поради своето татковство (Ефесјаните 3, 14-16).
Тоа подразбира процес на благослови и ослободувања кои се вистински и се вистинскиот мир. Како што вели псалмот: „Зашто Он е Бог мој, и мој Спасител.“ (Псалм 61, 2) – цитираше папата Фрањо и додаде: Тој ослободен живот станува прифаќање на нашата лична историја и нè помирува со она што сме го преживеале во детството и со луѓето во нашиот живот. По тој пат влегуваме во однос со ближниот, кој започнувајќи од љубовта која Бог ја искажува во Исус Христос, е повик на убавината на верноста, великодушноста и вистинитоста.
Но, за да живееме така односно во убавина на верноста, великодушноста и вистинитоста, потребно ни е ново срце, населено во Светиот Дух (Језекиил 11, 19; 36, 26) – рече Папата и запраша: Како се случува тоа „пресадување“ на срце од старо до ново срце? Преку дарот на новите желби (Римјаните 8, 6). Мора да бидеме внимателни на изразот: „нови желби“ кои во нас ги сее Божјата благодат, на посебен начин преку Десетте Божји заповеди кои ги извршил Исус како што учел во „говорот на гората“ (Матеј 5, 17-48)
Имено, животот во контемлација како што го опишуваат Десетте Божји заповеди, односно благодарен живот, ослободен, вистински, благословен, зрел, чувар и љубител на животот, верен, великодушен и искрен, речиси и да не сме свесни дека се наоѓаме пред Христос – рече Светиот Отец и истакна: Десетте Божји заповеди се Неговото рентгенско снимање. Тие се Христовиот рентген, ни го откриваат како на негатив фотографија која го остава Неговото лице втиснато како на светата Плаштеница.
Светиот Дух го прави нашето срце плодно ставајќи го во него желбите кои се Негов дар, желбите на Светиот Дух – рече папата Фрањо и поттикна: Потребно е да се сака во согласност со Светиот Дух, во согласност со ритамот на Светиот Дух и во согласност со музиката на Светиот Дух. Гледајќи го Христос ја гледаме убавината, добрината и вистината. Духот раѓа живот кој следејќи ги тие желби, предизвикува во нас надеж, вера и љубов. На тој начин уште подобро откриваме што значи дека Господ Исус не дојде за да го укине законот, туку за да го исполни и му помага да расте.
И додека законот по тело се состои од серија прописи и забрани, преку Духот тој ист закон станува живот (Иван 6, 63; Ефесјаните 2, 15), затоа што повеќе не е пропис, туку самото Тело на Христос, Кој нè љуби, бара, простува, утешува и во своето Тело одново создава заедништво со Отецот кое е загубено заради непослушноста преку гревот – рече Папата и нагласи: Така таа негативност која е изразена во пишан облик се заповедите: не кради, не навредувај, не убивај, односно тоа „не“ се претвора во позитивно однесување: љуби, направи место во свето срце, да се има желби кои го сеат она што е позитивно. Тоа е полнотата на законот кој ни го донесе Исус.
Во Христос и само во Него, Десетте Божји заповеди престануваат да бидат осуда (Римјаните 8, 1) и стануваат вистина за човечкиот живот, односно желба за љубов – рече Светиот Отец и истакна: Овде се раѓа желбата за доброто, за да правиме добро; желбата за радоста, мирот, великодушноста, добродушноста и господството над самиот себе. Од она „не“ се преминува на тоа „да“ кое е позитивно однесување на срцето кое се отвора со силата на Светиот Дух.
Барањето на Христос во Десетте Божји заповеди служи за тоа да го оплодиме своето срце да забремени од љубовта и за да се отвори за Христовото дело – рече папата Фрањо и толкуваше: Кога човекот сака да живее според Христос, тогаш ја отвората вратата за спасението, кое не може да не дојде, затоа што Бог Отецот е великодушен како што вели Катехизмот на Католичката Црква: „Бог е жеден за да бидеме ние жедни за Него“ (ККЦ 2560).
Ако постојат зли желби кои го уништуваат човекот (Матеј 15, 18-20), Светиот Дух ги става во нашето срце своите свети желби кои се семето за новиот живот (Иван 3, 9) – рече Папата и истакна: Новиот живот не е голем напор за да го усогласиме својот живот со некој пропис, туку новиот живот е живот на самиот Дух Божји кој започнува да нè води кон своите плодови во среќна хармонија на нашата радост дека сме љубени и на Неговата радост дека нè љуби. Така се среќаваат двете радости: Божјата радост затоа што нè љуби и нашата радост затоа што сме љубени. Десетте Божји заповеди за нас христијаните значат да се контемплира за Христос за да се отвориме и да го примиме Неговото срце, Неговите желби и Неговиот Свети Дух – заврши Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк