Примајќи ги во аудиенција членовите на здружението „Leaders pour la Paix“,- „Лидери за мир“, вклучени во Патувачката школа на мирот на Латеранскиот Универзитетот, папата Фрањо истакна дека најголемата опасност за човечкото семејство, загрозено од конфликти, е недостатокот на волја да се гради мирот.
Опасностите од војната и како да се гради мирот беа во фокусот на говорот на папата Фрањо пред членовите на невладината организација „Лидери за мир“, вклучени во активностите на Патувачката школа на мирот, која деновиве се одржува на Папскиот Латерански универзитет. Нивната мисија – која вклучува проекти во Египет, Либан, Виетнам и е заинтересирана за географски контексти каде постојано се нарушува човечкото достоинство, како што е Демократска Република Конго – е да ткае вистинска педагогија на мирот.
Најголемата опасност е немањето волја за градење мир
Изразувајќи ја својата загриженост за моментот низ кој минуваме, Папата ја истакна големата одговорност на членовите на здружението да бидат лидери за мирот. Имено, не се работи само за обврска.
Станавме свесни дека на човечкото семејство, загрозено од војна, му се заканува посериозна опасност: недостатокот на волја за градење мир. Вашето искуство ве учи дека, во однос на војната, првиот чекор што треба да се направи е да се замолчи оружјето, но потоа ќе треба да се реконструираат сегашноста и иднината на заедничкиот живот, институциите, структурите и службите. Мирот бара форми на помирување, заеднички вредности, а потребни се и бројни процеси за образование и формација.
Да се надминат вообичаените шеми на меѓународните односи
Градењето мир бара од нас да бидеме креативни, па ако е потребно, да ги надминеме вообичаените шеми на меѓународните односи – рече римскиот бискуп и ги охрабри присутните да се спротивстават на оние кои на војната им ја доверуваат задачата за решавање на споровите меѓу државите и внатре во државите, па дури и на оние кои помислуваат за насилно воспоставување на услови за правда, неопходни за заедничкиот живот на луѓето.
Не смееме да заборавиме дека жртвување човечки животи, страдање на населението, неселективно уништување на цивилни објекти, кршење на принципите на хуманоста, не се „нуспојави“ на војната; тоа се меѓународни злосторства – истакна Папата и додаде: Тоа мора да го кажеме и да го повторуваме.
Да се надмине категоријата непријатели
Светиот Отец потоа се осврна на употребата на оружје за решавање на конфликти и во оваа смисла посочи дека тоа е знак на слабост и кревкост. Клучниот збор е „храброст“, кој е потребен за преговори, за продолжување на посредувањето и за иницирање на помирување. Станува збор за храброст да не се чувствувате супериорни во однос на другите – истакна тој – да се соочите со причините за конфликтот со откажување од интереси и планови за хегемонија; храброст да ја надминеме категоријата непријатели, за да можеме да станеме градители на универзалното братство, кое наоѓа сила во различноста и единството во аспирациите заеднички за секој човек – рече Папата, повторно посветувајќи ги овие посебни мисли на последните, кои плаќаат највисоката цена на војните.
Потребна е уште повеќе храброст за да работиме заедно за „предизвикот на последните“ кои не бараат теоретски мир, туку надеж за живот. Оттука, градењето мир значи иницирање и поддршка на развојни процеси за елиминирање на сиромаштвото, сузбивање на гладот, гарантирање здравје и грижа, зачувување на заедничкиот дом, промовирање на основните права и надминување на дискриминацијата поттикната од човечката мобилност. Само тогаш мирот ќе стане синоним за достоинството на сите наши браќа и сестри.
Ватикан њуз/к.мк