Обраќајќи им се на учесниците на пленарното собрание на Советот на епископските конференции на Европската унија (COMECE), папата Фрањо поттикна на заедничко ангажирање со цел мирен заеднички живот и истакна дека војната не може да се смета за решение на конфликтите. На Стариот континент, рече тој, не може да има единство доколку не се почитуваат и вреднуваат особеностите на народите и културите.
Двата големи „сонови“ на татковците основачи на Европа: единството и мирот, папата Фрањо ги сподели со учесниците на пленарното собрание на Советот на епископските конференции на Европската унија, кои го избраа епископот Мариано Крочата за нов претседател. Примајќи ги во аудиенција, Светиот Отец им објасни како денес треба да се сфатат тие два сона.
Единството. Што се однесува до првата точка, важно е да се прецизира дека европското единство не може да биде униформно единство, што го прави хомологно единство, туку напротив треба да биде единство кое ги почитува и вреднува особеностите, особеностите на народите и културите што го сочинуваат.
Единство во различностите и задачата на Црквата
Во својот говор Светиот Отец ги спомена италијанците Де Гаспери и Спинели, французите Моне и Шуман, германецот Аденауер, белгиецот Спаак и Бек од Луксембург, од различни народи и култури и напомена дека богатството на Европа е во усогласувањето на различните извори на мислата и историските искуства. Меѓутоа, тој предупреди исто така дека Европа има иднина доколку е навистина унија, а не редукција на земјите со нивните карактеристики.
Токму тоа е предизвикот: единство во различностите. И ова е можно ако постои силно вдахновение; инаку преовладува апаратот, преовладува технократската парадигма, која, сепак, не е плодна затоа што не ги восхитува луѓето, не привлекува нови генерации, не ги вклучува живите сили на општеството во градењето заеднички проект.
Во тој предизвик е задачата на Црквата – додаде Папата, да оспособи луѓе кои читајќи ги знаците на времето знаат да го толкуваат европскиот проект во денешната историја.
Ватикан њуз/к.мк