Папата: Запрете ја спиралата на насилство и дадете можност на дипломатијата

Папата: Запрете ја спиралата на насилство и дадете можност на дипломатијата

По молитвата „Ангел Господов“, папата Лав XIV ја изрази својата загриженост за продолжувањето на насилството во Судан, Украина и Русија. Тој повика на преобраќање „на оние што сеат насилство“ и на крај на сè поголемиот број цивилни жртви.

По молитвата „Ангел Господов“ во недела, 9 август 2026 година, папата Лав XIV изрази загриженост за состојбата во Судан, особено осврнувајќи се на градот Ел Обеид.

„Изразувајќи ја мојата духовна блискост со сите луѓе во оваа земја, го обновувам мојот апел до властите да обезбедат хуманитарни коридори за цивилното население“, нагласи Папата.

Истовремено, тој ја повика меѓународната заедница „да ги поддржи напорите насочени кон постигнување итен прекин на огнот“.

Папата ги повика сите да се молат Господ да ги поддржи и укрепи сите што страдаат, „да ги преобрати срцата на оние што сеат насилство и да го дарува долгоочекуваниот мир“.

Да се спречи уште една хуманитарна катастрофа

Обединетите нации предупредуваат дека Ел Обеид е во опасност да стане следната голема хуманитарна катастрофа во Судан.

Луѓето известуваат дека снемува храна, вода и медицински залихи по месеци опсада, додека нападите продолжуваат и состојбата станува сè потешка.

Борбите продолжуваат во и околу главниот град на државата Северен Кордофан, бидејќи Ел Обеид се наоѓа долж стратешкиот коридор во централен Судан и на патот кон западниот регион Дарфур.

Повеќе од 14 милиони луѓе се раселени низ Судан, а милиони живеат во глад по три години конфликт.

Војната раѓа само нова војна

Продолжувајќи ги своите апели, папата Лав XIV го сврте вниманието и кон многуте невини жртви и ранети во Украина и Русија.

Тој истакна дека „трагичните епизоди“ се множат, што доведува до сè поголем број цивилни жртви.

„Стојам покрај семејствата на жртвите, ранетите и сите оние што страдаат како последица на тековниот конфликт“, рече Папата.

Среде овој конфликт, тој повторно упати силен апел за почитување на меѓународното хуманитарно право и за прекин на нападите во кои цивилите стануваат цели.

„Војната раѓа само нова војна и предизвикува огромно страдање“, нагласи папата Лав XIV. „Време е да се запре спиралата на насилство и да даде можност на дипломатијата и дијалогот, отворајќи го патот за мирот.“

Млади, дозволете светците да ве вдахноват

Откако ги поздрави групите од цела Италија, Папата го истакна присуството на многу младински групи на плоштадот „Свети Петар“.

Тој забележа дека тие избрале дел од своите денови за одмор да ги посветат на активности што го поттикнуваат личниот раст и пријателството, како знак на надеж.

Посебно се потсети на својата средба со младите на фрањевслата средба во Асизи, одржана на 6 август.

Папата Лав XIV ги охрабри младите да ги гледаат како пример светците што Црквата ги спомнува во овие денови: свети Доминик, света Тереза Бенедикта од Крстот, свети Лаврентиј и света Клара Асишка.

„Драги млади“, рече Папата, „дозволете да бидете вдахновени и восхитени од овие примерни сведоци на Евангелието!“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот