Папата: Да се биде мисионер значи да се сака Исус и народот

Мисиите, освен што значат љубов кон Исус, тие се и љубов кон неговиот народ – е една од мислите на папа Фрањо упатена на учесниците на IV национална средбана мисионерски заедници, која се одржува во градот Сантијаго дел Естеро во Аргентина. На средбата, која се одржува на тема „Мисија, стил на живот“, учествуваат повеќе од 2200 пасторални работници.

Кој сака да биде мисионер – напиша Папата – пред да навестува и пренесува, потребно е да гледа. Треба да се види Исус кој стана мал за да ја достигне нашата слабост, кој го прими нашето смртно тело за да ја стави својата бесмртност и кој секојдневно ни доаѓа на средба за да оди со нас и да ни ја пружи својата пријателска рака во неволја – истакна папа Фрањо. Тој ги охрабри сите никогаш да не ја заборават  првата средба со Исус, радост која сме ја примиле при првото навестување, преку родителите, дедовците и бабите, катехистите. Освен тоа, Папата побара од учесниците на средбата никогаш да не престанат да молат едни за други, да се поддржуваат заедно во молитвата, затоа што така – како што истакна – Исус ќе може да направи чуда.

Во пораката папа Фрањо потоа напомена дека за да бидеме вистински мисионери, треба да го сакаме Господ, но и неговиот народ, и ги охрабри да го гледаат светот како Исус, поглед полн со нежност, сочуство и милосрдие кое нé поттикнува да ги допреме Господовите рани во телото на нашите браќа во потреба. Гледањето на Исус во друга личност – според зборовите на Папата – го прочистува срцето, го ослободува од самољубието, од секоја друга намера и секоја световна желба. На крајот на пораката, Светиот Отец ги охрабри мисионерите да продолжат да  градат „Црква на излезот“ и да работат за да ја пренесуваат радоста која Господ ја стави во нашите срца.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот