Папата запали свеќи на најголемата божиќна елка

Посакуваме Христовото светло да биде во нас – зборови со кои папата Фрањо, по пат на видео-порака, ги поздрави жителите од италјанското гратче Губио, по повод палењето на светилките на божиќната елка, најголма во светот, која е оцртана со светилки на ридот Инџино. Светиот Отец во неделата на 7 декември, во 18:30 од домот Света Марта со помош на таблет, испрати импулс со кој ги запали свеќите, кои ќе останат запалени до вечерта на 6 јануари.

Божиќ без светло не е Божиќ – рече Светиот Отец. Да биде светлината во душата, во срцето; да се опростува на другите; да нема непријателство, кое означува темнина. Нека свети Исусовата светлина. Тоа ви го посакувам на сите вас – рече Папата и им се заблагодари на жителите од Губио за нивниот дар.

Ако имате нешто мрачно во душите, замолете го Господ за прошка. Божиќ е убав момент за прочистување на душите – додаде Папата и поттикна – не плашете се, свештеникот е милостив, на сите им опростува во името Божјо, затоа што Бог на сите им опростува. Да има светлина во вашите срца, во вашите семејства, во вашите градови – рече папата Фрањо, а после тоа ги запали свеќите и им додели апостолски благослов, со вообичаената молба упатена до сите, да се молат за него.

Да споменеме на крајот дека станува збор за најголемата елка на светот, која секоја година, уште од 1981 година, ја поставуваат група волонтери, на падините на ридот Инџино кој се наоѓа над градот Губио, во италијанската провинција Умбрија. Елката е висока 750 метри, широка 450, а оцртана е со повеќе од 250 светилки. Во 1991 година влезе во Гинисовата книга за рекорди. Пред папата Фрањо, светилките на тоа божиќно дрво, во 2011 година, ги запали Бенедикт XVI, а наредната 2012 година италијанскиот претседател Џорџо Наполитано.

РВ/З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот