Папата: Епископот е столб на Црквата

Нема Црква без епископи затоа сме должни да молиме за своите епископи; тоа е обврска на љубовта; обврска на децата кон Отецот, братска должност – рече Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 22 јануари која ја служеше во капелата на домот Света Марта.

Денешното евангелие (Мк 3, 13-19) зборува за Исусовиот избор на дванаесетмината апостоли: ги избира „да бидат со Него и да ги праќа да проповедаат; и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат бесови.“ Дванаесетмината се првите епископи. По Исусовата смрт е избран Матиј: тоа е првото епископско ракоположување. Епископите се столбовите на Црквата повикани да го сведочат Исусовото воскресение – рече папата Фрањо.

Ние епископите ја имаме таа одговорност да бидеме сведоци: сведоци дека Господ Исус е жив, дека воскресна, дека оди со нас, дека Господ Исус нè спасува, дека го даде својот живот за нас, дека секогаш нè прифаќа и ни простува. Сведочење, тоа треба да биде нашиот живот: вистинско сведочење на Христовото воскресение – истакна Светиот Отец.

Продолжувајќи со проповедта Папата рече дека епископите имаат две задачи. Првата е во молитвата да бидат со Исус. Нивната главна задача не е да изработуваат пасторални планови… не. Да се моли: таа е првата должност. Другата пак е да бидат сведоци односно проповедувањето. Да се навестува спасението кое ни го донесе Исус. Тие две задачи не се лесни, но токму тие ги зацврстуваат столбовите на Црквата. Ако тие столбови ослабат затоа што епископот не моли или малку моли, заборави на молитвата или затоа што не го навестува Евангелието, се интересира за други работи, тогаш и Црквата слабее; трпи. Божјиот народ трпи затоа што столбовите се слаби – рече Папата.

Нема Црква без епископи – заклучи Папата – затоа сме должни да молиме за своите епископи; тоа е обврска на љубовта; обврска на децата кон Отецот, братска должност, обврска семејството да биде обединето во исповедувањето на Исус Христос, живиот и воскреснат – истакна Светиот Отец.

Денес сакам да ве повикам да молите за нашите епископи затоа што и ние сме грешници имаме свои слабости и ние ја имаме опасноста на Јуда: затоа што и тој бил избран да биде столб. И на нас ни се заканува опасноста да не молиме, да не го навестуваме Евангелието и да не изгонуваме бесови… Треба да молиме епископите да бидат она што Исус сакал, сите да го сведочиме Исусовото воскресение. Божјиот народ моли за епископите. На секоја Литургија се моли за епископите: за Петар главата на епископите, се моли за месниот епископ – рече Папата, додавајќи:

Но тоа е малку: се спомнува име, а тоа често е само навика и се оди напред. За епископите треба усрдно да се моли од Господ да се бара: Господи чувај го мојот епископ; чувај ги сите епископи, испрати ни епископи вистински сведоци кои молат, кои со своите проповеди ни помагаат да го сфатиме Евангелието, да бидеме сигурни дека Ти си жив Господ и дека си меѓу нас – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот